Германија е само петнаесетта меѓу развиените земји по атрактивност за странски работници и претприемачи, покажува истражување, додавајќи дека подобро рангирани се земјите како Нов Зеланд и Шведска, пренесе Дојче веле – ДВ.

Според резултатите од студијата, Германија ја губи популарноста во конкуренција за квалификувани работници и основачи на компании, а според проценката на фондацијата Бертелсман, заклучно со 2019 година паднала од 12-то на 15-то место меѓу 38-те земји-членки на Организацијата за Економска соработка и развој (ОЕЦД).

Студијата ги оценуваше деловните можности на имигрантите, приходите и даноците, можностите за членови на семејството или добивање виза, а според овој индекс најатрактивни земји за висококвалификувани професионалци се Нов Зеланд, Шведска, Швајцарија, Австралија и Норвешка.

Од 2019 година и последната евалуација на податоците, условите во Германија не се влошени, но условите се подобрија во другите земји, така што ја надминаа Германија.

За претприемачите, според овие податоци, на врвот на листата се Шведска, Швајцарија, Канада, Норвешка и Нов Зеланд. Во тој сегмент Германија падна од 6-то на 13-то место.

Како главен проблем се наведува бавната дигитализација. Германија, за разлика од другите земји, исто така бара поседување на минимален капитал. Покрај тоа, таму помалку е изразено прифаќањет на мигранти.

Во 2023 година за првпат беа испитани рамковните услови за основачи на компании (старт-ап) во рамките на индексот на ОЕЦД. Во овој сегмент најатрактивни се Канада, САД, Франција, Велика Британија и Ирска.

Германија го зазеде 12-тото место во таа категорија. Причините за ваквата оценка авторите на студијата ги гледаат во помалата можност за напредување во кариерата, малиот број иноватори и немањето соодветни визи.

„На Германија и требаат квалификувани работници, вклучително и оние од странство, за да го одржи сегашниот раст и просперитет“, ги коментираше резултатите од студијата извршниот директор на фондацијата Бертелсман, Ралф Хек.

Како што рече, овој меѓународен поредок јасно покажува што Германија треба да направи за да ја подобри миграцијата на квалификувани работници, што е толку важно за Германија.

Сепак, на Германија и оди многу добро во однос на високото образование. Според резултатите од студијата, според атрактивноста за студенти од целиот свет, Германија е на второ место, зад САД, додава ДВ.