Вредноста на акциите на Facebook забележаа голем пад откако американски и британски политичари се пожалија од правилата за приватност на социјалната мрежа.

Facebook е на мета на големи критики откако беше откриено дека Cambridge Analytica, која се смета дека му помогнала на Доналд Трамп да победи на претседателските избори во САД, имала и пристап и ги користела приватните информации на корисниците на оваа социјална мрежа.

Вредноста на акциите на Facebook падна за 8% и сега тие се продаваат за 171 американски долар по акција на берзата во Њујорк. Причина за падот се обвинувањата од познати американски и британски политичари, меѓу кои и Тереза Меј, британската премиерка, дека биле прекршени правилата за приватност на социјалната мрежа.

„Луѓето мораат да бидат сигурни дека нивните чувствителни податоци се чуваат од лоши влијанија и нема да бидат искористени против нив. Обвинувањата се секако многу загрижувачки“, рече Тереза Меј.

Недостатокот на сигурност и приватност на корисниците на социјалните мрежи стана многу големо прашање во последните неколку години, посебно откако се дозна дека можеби токму ваквите податоци му помогнале на Доналд Трамп да ја обезбеди победата на претседателските избори во САД.