Креаторите на ChatGPT, Open AI, претставија нова алатка која ќе го олесни животот на академската заедница. Веб-алатката може да им помогне на наставниците и професорите да препознаат дали некој текст е напишан од човек или машина. Веста дека OpenAI работи на ваков софтвер ја објави Register на средината на јануари, а сега веќе постои готова алатка.

AI Text Classifier е трениран за да може да препознае разлика помеѓу текст напишан од луѓе и вештачка интелигенција. Моделот е трениран на текстови од 34 модели за генерирање на текст од 5 различни организации.

„Алатка има за цел да помогне во откривањето на лажните тврдења дека текстот генериран со вештачка интелигенција е напишан од човек. Сепак, сè уште има голем број ограничувања – затоа треба да се користи како дополнување на другите методи за откривање на изворот на текстот наместо да биде примарна алатка за донесување одлуки“, откри портпаролот на OpenAI за TechCrunch.

Алатката треба да одговори на едeн од најголемите предизвици кои ги отвора вештачката интелигенција „Како да се препознаат генерираните текстови во образованието?“. AI Text Classifier не е премногу прецизен, точноста му е некаде околу 26%, но креаторот на алатката вели дека во комбинација со други методи може да помогне да се спречи злоупотреба на генератори на текст. Резултатите зависат од тоа колку текстот е близок до оригиналните анализирани текстови за да се состави одговорот.

Користењето е супер едноставно текстот се внесува во полето и со притисок на копче алатката го анализира. Корисникот веднаш добива одговор, и тоа има 5 можности: „very unlikely“, „unlikely“, „unclear if it is“, „possibly“, и „likely“. Овие описни одговори всушност имаат определена доза на сигурност дали текстот е генериран од луѓе или не. „Многу неверојатно“ има помалку од 10% веројатност да е креиран од вештачка интелигенција. „Неверојатно“ е помеѓу 10% и 45% веројатност. „Нејасно“ веројатноста е од 45% до 90%. „Веројатно“ генерирана од вештачка интелигенција (веројатност од 90% до 98%). „Веројатно“ генериран од вештачка интелигенција (над 98% веројатност). Open AI вели дека алатката 9% од времето погрешно проценува текстови напишани од луѓе како генерирани од вештачка интелигенција.

За тестирање е потребна должина на текст од барем 1000 карактери, помеѓу 150 и 250 збора. Сепак барем според неколкуте теста кои ние ги направивме алатката работи подобро со подолги текстови.

Во тестовите за написот ја тестиравме алатката на неколку текста генерирани со ChatGPT. Од 5 генерирани текста алатката точно оцени дека 3 се генерирани од вештачка интелигенција, но за 2 даде оценка „unlikely“.