Заради ненавремено плаќање на кредит земен пред две децении од ЕБОР, штипското јавно претпријатие има долг од 177 милиони денари кон Министерството за финансии, кое било гарант за кредитот. Општината ќе бара отпис на долгот кој го води „Исар“ во финансиски колапс.

Советот на Општина Штип ќе бара отпис на долгот кој ЈП „Исар“ го има кон Министерството за финансии. Министерството во случајов е гарант за кредитот од 164 милиони денари кој бил земен од ЕБОР пред повеќе од две децении. Долгот кон банката е целосно исплатен, но „Исар“ сè уште му должи на Министерството за финансии 177 милиони денари.

Заради финансиската криза, ЈП „Исар“ во наредните шест месеци прогласи мораториум за нови вработувања и исплата на прекувремена работа, но и продажба на дел од имотот.

Советниците од СДСМ сметаат дека долговите може да се вратат со зголемената цена на услугите.

За да ја одржи ликвидноста на јавното комунално претпријатие, Општина Штип на сметка на „Исар“ пред еден месец префрли 18 милиони денари.