Сопругот на новоизбраната претседателка на Судски совет, Павлина Црвенковска зел кредит од 1,6 милиони евра од сега веќе пропаднатата Еуростандард банка и не го вратил, а нивната ќерка била вработена во банката, обвинуваат од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка.

-Сега веќе избраната Претседателка на Судски совет, која е сопруга на Зоран Црвенковски, се најде на листата на инволвирани за кои сметаме дека имаат удел во овој организиран криминал. Тоа е поради тоа што нејзиниот сопруг, Зоран Црвенковски, има земено кредит од банката во висина од 1,6 милиони евра со умисла за да не го врати, во име на фирмата должник Екопласт Рисајклинг доо увоз-извоз од Скопје, сега во стечај. За да овој конкретен случај биде уште пошокантен и поневеројатен, верувале или не, во целата оваа работа е вмешана и нивната ќерка Ирина Црвенковска, која била вработена во Еуростандард банка и веројатно веќе погодувате, каде друго ако не во службата за кредитирање на правни лица. За жал, овој конкретен случај го пресликува, повеќе или помалку, целиот правен систем во земјава и се што не е во ред во него. А богами истото важи и за банкарскиот систем со своите процедури за контрола и ревизија коишто постојат само на парче хартија таму некаде изгубени во архивите за не дај боже некој да ги најде и примени, реагираат од здружението.