И после една и пол година, не само што нема никаква одговорност и не се казнува сторениот масовен организиран грабеж на личните парични средства на физички и правни лица депоненти во Еуростандард банка, туку истиот продолжува да се случува и во стечајната постапка на банката, а овојпат во него се вмешани државни органи, соопшти Здружението на оштетени штедачи.

Како што велат оттаму, тоа се прави преку евидентна злоупотреба на јавните овластувања и службената положба на Државниот правобранител Гостивар и Основниот граѓански суд Гостивар. За тоа, според Здружението, има јасни, недвосмислени докази дека овие две државни институции ги штитат интересите на фирмата Прагматика ДООЕЛ Гостивар која три и пол години должи околу 380 илјади евра во Еуростандард банка, а која е во сопственост на близок член од најтесното семејство на аналитичарот Алберт Муслиу. Тој пак е заложен должник за долгот на фирмата Прагматика, додека неговата фирма Теута-рам ДОО Гостивар должи околу 400 илјади евра во Еуростандард банка.

„Сакаат да приграбат недвижен имот во сопственост на Еуростандард банка во стечај, но не сакаат да си ги платат долговите“, велат од Здружението.

Оттаму појаснуваат дека на барање на Прагматика, Државното правобранителство Гостивар отвора постапка со која приватизацијата на државно земјиште во корист на Еуростандард банка, нешто што самата држава го дозволила пред повеќе од 10 години, сега го оценува како спорно и со тоа се обидува да ја спречи продажбата на тој ист имот каде оваа приватна фирма сака да гради објект. Основниот граѓански суд Гостивар го усвоил предлогот на Државното правобранителство Гостивар и определил да се стави прибелешка во Агенцијата за катастар на недвижности во Гостивар. Со тоа одредил и забрана за отуѓување, продажба или давање под закуп на целокупниот недвижен имот и воедно поставил привремена мерка до завршување на управна постапка за ништовност на решение за приватизација, за која постапка, всушност, нема доказ дека воопшто се води односно нема барање од Државното правобранителство за отворање на таква постапка ниту решение дека е усвоено барањето.

Од Здружението очекуваат судот да се изјасни дали целокупниот процес на дејствување на овие два државни органи има примеси на коруптивни и криминални дејствија.

„Со изрекување на привремената мерка се предизвикува штета на стечајната маса на банката и на сите доверители кои очекуваат намирување на своите побарувања преку водење на стечајната постапка. Наведените државни органи се повикуваат на заштита на интересите на државата, а всушност, во основа, работат за заштита и форсирање на приватни интереси затскриени преку фирмата Прагматика која покажува претензии кон недвижниот имот за остварување на нејзини лични интереси и цели.

Имајќи ја во предвид генезата на овој случај, донесеното решение за привремена мерка на Основниот граѓански суд Гостивар само по себе претставува правен преседан, ретко виден или можен во правна држава и функционален правосуден систем. Ова решение треба и мора да биде под опсервација на домашните судски инстанци, а не само на повисокиот Апелацискиот суд Гостивар по повод поднесената жалба. Особено што ова е класичен пример каде под плаштот на заштита на државните интереси се прави обид за реализација на приватни цели на правни и физички лица“, додаваат од Здружението.

Оттаму јавно ја повикуваат и Државната комисија за спречување на корупцијата итно да го истражи случајот со цел да се спречи обидот за криминал и висока корупција уште во самиот зачеток. Исто така, јавно го повикуваат и Судскиот совет да ја испита стручноста и совесноста на судијата Илјаз Исмаили од Основниот граѓански суд Гостивар што го донел Решението за привремена мерка ВПП2-74/21 од 23.12.2021 година, но и да се позанимаваат и со работата на Шоип Фидани, Државниот правобранител за подрачјето на Гостивар. Го повикуваат и Апелацискиот суд Гостивар да се произнесе по поднесената жалба од Еуростандард банка во стечај, со цел да се спречи настанување на дополнителна штета и грабеж на веќе оштетените и ограбени депоненти, сега доверители во стечајната постапка.