Во рамки на официјалната посета на Норвешка, министерот Османи присуствуваше и на промоцијата на новоформираната трговска комора меѓу Република Северна Македонија и Норвешка, која има за цел да ги приближи бизнисите од двете земји и покрај географската оддалеченост, како и да работи на привлекување на поголем број инвестиции од Норвешка во нашата земја.

Компаниите од двете држави, организирани во заедничка трговска комора, од денес, ќе работат на воспоставување нови и зајакнување на постоечките бизнис врски во сите сегменти од економијата, а особено во енергетиката, градежништвото, агробизнисот, индустријата и туризмот. Новоформираната трговска комора најавува и промоција на нашите економски потенцијали во Норвешка, како и на инструментите на норвешката Влада за развој на приватниот сектор во Република
Северна Македонија, во соработка со Амбасадите. Дел од активностите на новоформираната македонско-норвешката трговска комора ќе бидат и организирање бизнис патувања и конференции за компании од Република Северна Македонија и Норвешка, како и обезбедување информации за инвестициските можности.

Потенцирајќи дека постои огромен нереализиран економски потенцијал, министерот Османи им порача на компаниите од Норвешка да ја гледаат нашата земја како пријателска земја и да ги насочат инвестициите во Република Северна Македонија, имајќи ги предвид сите бенефиции кои ги нуди Владата на странските инвеститори.