На Волстрит берзанските индекси остро паднаа во понеделникот, бидејќи американскиот претседател Доналд Трамп навредливо го нападна претседателот на Џером Пауел, доведувајќи ја во прашање независноста на централната банка, која е институција со приватни удели.
Индексот Dow Jones падна за 2,48 отсто, на 38.170 поени, додека S&P 500 потона за 2,36 отсто на 5.158 поени, а индексот Nasdaq за 2,55 отсто, на 15.870 поени.
Инвеститорите беа вознемирени од жестокиот напад на Трамп врз Пауел. Мора да се признае, Трамп претходно јавно го критикуваше претседателот на Федералмните резерви (Federal Reserva – Fed) и го повика да ги намали каматните стапки за да го стимулира економскиот раст, но овојпат Трамп го нападна Пауел со навредливи зборови.
Американската економија забавува „освен ако ‘Господинот Предоцна’, големиот губитник, веднаш не ги намали каматните стапки“, напиша Трамп на социјалните мрежи.
Имено, Пауел неодамна изјави дека повисоките царини од очекуваните најверојатно ќе значат повисока инфлација и побавен економски раст, па затоа рече дека централната банка ќе чека нови показатели пред да преземе какви било мерки за каматните стапки.
Уште тогаш Трамп го прозва и му кажа дека наскоро ќе биде сменет од функцијата претседател на Fed. Сево ова ја доведува во прашање независноста на централната банка, а навредите на Трамп го нарушуваат и нејзиниот кредибилитет, велат противниците на Трамп.
„Земјите кои имаат независни централни банки имаат побрз економски раст, пониска инфлација – тие имаат подобри економски резултати за својот народ. И политичарите кои се обидуваат да влијаат врз Fed… тоа е навистина лоша идеја и многу страшно за пазарот“, вели Џед Елербрук, портфолио менаџер во компанијата „Argent Capital Management’.
Инвеститорите вчера беа вознемирени и од пораката на Кина до другите земји да не се обидуваат да постигнат трговски договор со САД на нејзина сметка. Ова на пазарот беше протолкувано како натамошна ескалација на трговската војна.
Затоа кварталните деловни резултати на компаниите се во втор план. Досега 59 компании од индексот S&P 500 објавија извештај, при што 68 отсто ги надминаа очекувањата во однос на заработката.
Сепак, сега аналитичарите проценуваат дека заработката на компаниите во првиот квартал пораснала во просек за околу 8 отсто, додека на почетокот на кварталот очекувале раст од 12 отсто.
Во сите 11 најважни сектори на индексот S&P 500, цените на акциите вчера паднаа, најмногу во потрошувачките и технолошкиот сектор.