Американската централна банка ги зголеми каматните стапки на највисоко ниво во последните 16 години, што е еден од начините на кои сакаат да ја стабилизираат инфлацијата и растот на цените.

Берзанските индекси на Волстрит паднаа трет ден по ред, откако американската централна банка повторно ги зголеми каматните стапки и сигнализираше дека може да има пауза во процесот на заострување на монетарната политика.

Dow Jones загуби 0,80 отсто, на 33.414 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,70 отсто, на 4.090 поени, а индексот Nasdaq 0,46 отсто, на 12.025 поени.

Како што се очекуваше, креаторите на политиката на ФЕД ги зголемија клучните каматни стапки за дополнителни 0,25 процентни поени во опсег од 5 до 5,25 отсто на нивната редовна седница во средата.

Ова беше веќе десетто по ред зголемување на каматите, но веројатно, сигнализираа централната банка, ќе има пауза во циклусот додека не се видат ефектите од поскапувањето на парите досега.

Сепак, тоа не значи дека циклусот на покачување на каматните стапки е завршен, бидејќи претседателот на централната банка Џером Пауел на прес-конференција рече дека е можно дополнително зголемување доколку е потребно. Ова ќе се одлучува на секоја следна седница.

Пауел рече дека инфлацијата се намалува, но дека има уште долг пат до целното ниво од 2 отсто.

„Веруваме дека инфлацијата нема да се намали толку брзо. Ќе биде потребно извесно време, а во таква ситуација не би било соодветно да ги намалиме каматните стапки и нема да го направиме тоа“, изјави Пауел.

Тој рече и дека растот на економијата забавува и дека во моментов се чини поверојатно „нежно да слета“ отколку да западне во рецесија.

И додека се очекуваше зголемувањето на каматните стапки на ФЕД, инвеститорите беа разочарани од пораките дека циклусот на затегнување на монетарната политика сè уште не е завршен и дека намалувањето на каматните стапки не може да се очекува наскоро.

Имено, последниве недели цените на акциите растат благодарение, меѓу другото, и на шпекулациите дека ФЕД на оваа седница ќе го прекине циклусот на зголемување на каматните стапки и дека ќе почнат да ги намалуваат веќе на крајот на оваа година.

„Оние кои се надеваа на такво сценарио се разочарани бидејќи изгледа дека тоа нема да се случи“, вели Алан Ланц, претседател на Alan B. Lancz&Associates.

И на европските берзи цените на акциите вчера пораснаа. Лондонски FTSE индекс зајакна за 0,20 отсто, на 7.788 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,56 отсто, на 15.815 поени, а париски CAC 0,28 отсто, на 7.403 поени.