Министерството за труд и социјална политика до крајот на годината нема да работи на ова прашање бидејќи во моментов, како што не информираа оттаму, работат на измените на законот за рабортни односи кои се однесуваат на ограничувањето на пензионирањето на 64 години кои се во собраниска процедура.

Граѓаните веќе калкулираат колку пари ќе им треба за откуп на најмногу 5 години стаж за да заминат предвреме во пензија од јануари следната година, како што најави премиерот Зоран Заев во септември, но ова прашање сѐ уште не дошло на дневен ред во Министерството за труд и социјална политика и Eкономско- социјалниот совет каде што се договара новиот изглед на Законот за работни односи чие донесување е најавено за следната година. Нема ниту најава за измени на Законот за ПИОМ каде што и фактички може да се регулира.

Министерството за труд и социјална политика до крајот на годината нема да работи на ова прашање бидејќи во моментов, како што не информираа оттаму, работат на измените на законот за работни односи кои се однесуваат на ограничувањето на пензионирањето на 64 години кои се во собраниска процедура. Не се знае и дали следната година ќе биде покренато.

– Не можеме да кажеме дека на ова прашање во Министерството за труд и социјална политика ќе се работи следната година – ни изјавија од Министерството.

Работодавачите, пак, го проблематизираат не само ограничувањето на старосната граница, туку и прашањето за предвремено пензионирање или откуп на стаж.

Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата вели дека оваа асоцијација на работодавачи не прифаќа предвремено пензионирање и намалување на старосната граница за одење во пензија, бидејќи условите за работа на работниците последните години се драстично подобрени, како стандардот така и здравјето на работниците и нема потреба од намалување на границата за одење во пензија ниту пак за предвремено пензионирање.

– Напротив, наш, но и експерски став, е да се зголеми старосната граница за одење во пензија на работниците на 64 или 67 години. На овој начин и ќе се помогне фондот за ПИОМ да ја подобри финансиската структура. Оттука произлегува и нашиот сатав дека нема потреба од предвремено пензионирање – вели Бошков.

Тој додава дека прашањето за предвремено пензионирање или откуп на стаж не се поставено на дневен ред на Економско-социјалниот совет. Не е покренато ниту при изработката на новиот Закон за работни односи.

– Во економско-социјалниот совет интензивно се работи на новиот Закон за работни односи кој треба да биде донесен следната година, но за откуп на стаж или предвремено пензионирање, доколку се планира да влезе во овој зекон сѐ уште не станало збор, бидејќи до тие членови не сме дојдени – вели тој.

Синдикатите, пак, со став дека при покренување на прашањето во Eкономско-социјалниот совет за време на договарањето на новиот Закон за работни односи им било речено дека за прашањето ќе се преговара следната година.

Работниците, пак, кои очекуваат порано да заминат во пензија негодуваат.

– Штета што уште чекаат на ова со откуп на стаж. Ќе земам и кредит ако треба само да заминам во пензија. Не се издржува веќе. Тие во фотелјите не знаат што е работник и колку се истоштува за време на работниот век. Дел од нас се веќе болни, а работодавачите немаат ниту желба, ниту пак можност да нè преместат на друга работна позиција за да дочекаме пензија. Посебно е лошо во малите фирми. Затоа откупот е добар за нас, ако се разбира и сумата која треба да ја платиме е достапна на нашиот џеб – вели работник.

Мала надеж дека можеби откупот на стаж и предвременото пензионирање ќе можат да поминат до крајот на годината сепак даваат неофицијалните информации дека се планира да биде предложено со амандман на моменталните измени на Законот за работни односи кои се во второ читање, а за кои прибираат амандмани. Но, и за ова нема јасна претстава како би влегло во Законот за работни односи, ако се знае дека Законот за ПИОМ го регулира прашањето.

Измените на Законот за работни односи за кои се расправа во Собранието, предложени од пратеници на СДСМ се однесуваат на членот 104 и предвидуваат да се ограничи продолжувањето на одење во пензија по 64 години за сите иако на жените им се дозволува да одат во пензија и на 62 години.

Второто читање со амандманска расправа на овие измени на Законот за работни односи во Комисијата за финансирање и буџет е закажана за в среда.

Премиерот Зоран Заев  на почетокот на овој мандат најави дека во првите 100 дена на владата се планираат две новини при пензионирањето: ограничување на старосната граница за пензија и предвремено пензионирање со откуп на стаж до 5 години, односно дека граѓаните ќе можат да ги платат придонесите за пет години пред пензионирањето и да заминат порано во пензија.

Докупот на стаж е веќе регулиран во Закон за ПИОМ со негови измени кои стапија на сила од почетокот на годинава. Но, тие се однесуваат на оние идни пензионери кои поради неплатени придонеси на компаниите во кои работеле немаат стаж од 15 години. Тие можат да ги платат придонесите и да одат во пензија, ако наполниле 62 односно 64 години.