Унгарската ОТП Група е во потрага по соодветен модел за преземање на Сосиете Женерал во Македонија и Црна Гора.

Приказната се актуелизирала по скорешното преземање на Сосиете Женерал во Молдавија од страна на ОТП, но за разлика од Молдавија, во Македонија и Црна Гора многу лесно може да се случи централната банка да не ја одобри оваа трансакција.

Во рамките на Сосиете Женерал на подрачјето во централна и источна Европа останаа само уште банките во Македонија и Црна Гора, додека продадени се банките во Хрватска, Албанија и Бугарија.

Во моментов сеуште не е доставено барање за купување на Охридска Банка до Народна Банка на Република Македонија. Меѓутоа, доколку вакво барање биде доставено до НБРМ, дозвола за купување на Банката ќе биде дадена само на купувач кој е на ист или повисок ранг од Сосиете Женарал. ОТП Банка, во рамки на Европа, не е на ист ранг со Сосиете Женарал”, изјавија од НБРМ во однос на гласините околу евентуалното преземање на ОБСГ.

Сепак доколку има реален интерес, а фактите и случувањата на терен укажуваат дека тој постои, сигурно ќе се изнајде некој начин како оваа продажба или превземање да биде извршено. Особено ако се знае фактот дека при превземањето на Охридска Банка А.Д. Охрид во 2007 година беа пронајдени многу креативни решенија се до конечното превземање од страна на францускиот гигант. Едно од тие решенија, кое е вредно да се спомене, беше и промената на статутот на банката, со кој, со интерна одредба се променаа условите околу купувањето на истата во делот на потребниот пакет акции за сопственост, плодоуживање и оттуѓување на банката. Но тоа беше пред 12 години, и беше направено од повисока цел, која за жал со текот на времето се испостави дека не беше остварена, т.е. со повлекувањето на Сосиете Женерал од источна и југо-источна Европа и припазувајќи исклучиво на својот профитен модел, овој банкарски гигант со повлекувањето повторно ќе влијае на Охридска Банка.

Што се случи во Охридска Банка во изминатите 12 години? Па практично ништо значајно…

Освен што најголемиот дел од активата се продаде ( згради и деловни објекти на премиум локации во Охрид, Скопје и други градови ), експозитурите се преселија од сопствени објекти под кирија заради постигнување на фамозниот „финансиски левериџ“, настана промена во бизнис моделот и организационата поставеност ( читај апсорбција на поранешни вработени други банки ). Секако важно е да се напомене дека се изврши темелна и систематска репатријација на профитот што е и нормално до некаде. Имаше таму од многу по нешто – од роднинско-партиски спреги до византиски салонски бизнис заткулисни игри. Но и тоа не е значајно и е дел од играта. Што е значајно по мое мислење е што банката го изгуби монополскиот карактер во југозападниот регион, изгуби илјадници клиенти, ја премести централата во Скопје ( сеуште е нејасно зошто, бидејќи сите бекофис активности сеуште се водат од Охрид ) и во очите на жителите на нашиот југозападен крај од поим за банка – стана само уште една банка.

 

Наум Димитровски