Седумнаесеттото стручно советување за подземна и површинска експлоатација на минерални суровини ќе се одржи на 30 и 31 октомври 2026 година во Охрид.
Отворен е повикот за пријавување научни и стручни трудови за XVII-то стручно советување со меѓународно учество од областа на подземната и површинската експлоатација на минерални суровини, ПОДЕКС-ПОВЕКС 2026.
По успешното минатогодишно издание, годинава се очекува уште посилно учество на претставници од академската заедница, рударската индустрија, институциите, регулаторната јавност и креаторите на политики од земјава како и еминентни меѓународни експерти и професори. Настанот ќе биде можност за стручна размена на знаења, презентација на научни истражувања, техничко-технолошки достигнувања и современи практики во рударството и геологијата.
Во фокусот на советувањето ќе бидат актуелните состојби во подземната и површинската експлоатација на минерални суровини, развојот на нови технологии, заштитата на животната средина, безбедноста при работа, управувањето со руднички отпад и отпадни води, рекултивацијата, законската регулатива, како и улогата на рударството во економскиот и технолошкиот развој.
„Во време кога светската побарувачка за минерални суровини расте, а технологијата, енергетската транзиција и индустрискиот развој сè повеќе зависат од сигурно и одговорно обезбедување ресурси, ваквите стручни собири имаат особено значење. ПОДЕКС – ПОВЕКС е платформа каде што науката, индустријата и институциите можат заеднички да разговараат за решенија, предизвици и идни насоки за развој на рударско-геолошката дејност во Македонија и регионот“, велат од Организацискиот одбор.
Во рамки на советувањето се предвидени стручни трудови, дискусии, панел-сесии и keynote презентации на теми важни за развојот на современото, безбедно и одржливо рударство.
Крајниот рок за испраќање трудови е 25 август 2026 година, а информацијата за прифатените трудови ќе биде објавена на 1 септември 2026 година. Повеќе информации за начинот на подготовка и форматирање на трудовите се објавени на веб страницата https://www.zrgim.mk/
Организатор на советувањето е Здружението на рударските и геолошките инженери на Република Македонија, во коорганизација со Универзитетот „Гоце Делчев“, Факултет за природни и технички науки, Штип, и МАР, Македонска асоцијација за рударство.
Советувањето ќе се одржи на 30 и 31 октомври 2026 година во хотел „Гранит“ во Охрид.