Колку милионери и милијардери живеат во најбогатите градови во светот?

Иако таквите показатели не се сеопфатни, овие мерења на богатството помагаат да се стави во перспектива финансиското здравје и економската активност на некои од најбогатите градови во светот.

Следниот инфографик на „Вижуалкапиталист“ (VisualCapitalist) користи информации од извештајот за глобални граѓани на „Хенли“, во партнерство со New World Wealth, за да ги рангира најбогатите градови во светот. Користи сеопфатна база на податоци што ги следи движењата и навиките за трошење на богатите поединци во над 150 градови низ светот.

Кои градови и региони имаат најголема концентрација на милионери во светот, секој со повеќе од милион долари?

Милионери и милијардери во најбогатите градови

Во последното издание на рангирањето, Северна Америка има најдобри резултати со седум од најбогатите градови по бројот на милионери.

Конкретно, американските градови заземаат 5 места во првите 10, вклучувајќи го и првото место со Њујорк.

 

Како што може да се види од табелата, Азија е на второ место по бројот на милионери со шест градови на листата. Сосема очекувано, Кина е дом на три од овие градови, вклучувајќи го и Хонг Конг.

Европа е на третото место со пет градови, иако само Лондон се најде во првите 10 на рангирањето. Конечно, Океанија има два града на листата, и двата лоцирани во Австралија.

Да ги погледнеме подетално некои од градовите со највисоко рангирање на листата.

# 1: Њујорк
Њујорк е најбогатиот град во светот – дом на 345.600 милионери со вкупно приватно богатство кое надминува 3 билиони долари.

Њујорк е дом на многу компании на Fortune 500 и е финансиското срце на Соединетите Држави, со Њујоршката берза и NASDAQ лоцирани во Големото јаболко. Дополнително, пазарот на недвижности во градот е познат по тоа што е скап, со неверојатно високи вредности на имотот и кирии.

#2: Токио
Токио е економски центар на Јапонија и е еден од најважните градови во светот за бизнис и финансии. Тој е дом на 304.900 резидентни милионери, што го прави град со втор најголем број милионери во светот.

Најголемиот град во Јапонија е дом на Токиската берза, која е една од најголемите берзи во Азија според пазарната капитализација. Токио е исто така главен центар за банкарство и осигурување, и е дом на многу мултинационални компании како „Хонда“ и „Сони“.

# 3: Областа на заливот Сан Франциско
Областа на заливот Сан Франциско може да се пофали со 276.400 милионери. Познат е како Мека на технолошките иновации, и како резултат на тоа, регионот има висока концентрација на богати поединци. Сан Франциско има и највисок просечен приход на домаќинствата во земјата.

Бројот на милионери постојано расте во последните 10 години, а доколку се задржат трендовите во последните години, Сан Франциско би можел да стане центар број еден милионери до 2040 година.

# 4: Лондон
Лондон со години е најбогатиот град во светот, но во изминатата деценија имаше одлив на милионери.

Денес, со 272.400 милионери, градот има поскромна позиција. Лондон е познат по своите финансиски и деловни сектори и привлекува значителен број професионалци со висока заработка кои придонесуваат за неговата репутација како центар на богатство и луксуз.

# 5: Сингапур
Сингапур е дом на 249.800 милионери што го прави вториот најбогат град во Азија по Токио.

Сингапур има една од најголемите густини на милионерски домаќинства во Азија, со над 5% од домаќинствата кои имаат најмалку 1 милион американски долари во нето финансиски средства. Ова делумно се должи на силниот економски раст на земјата и поволното деловно опкружување, кое привлече многу богати поединци и семејства во земјата. Покрај тоа, политичката стабилност на Сингапур, ниската стапка на криминал и високиот животен стандард, исто така, придонесоа за неговата привлечност како место за живеење и работа.

Најбрзо растечки градови за богатите
Градовите прикажани во визуелизацијата на  „Вижуалкапиталист“ се веќе добро воспоставени локации за поединци со висока нето вредност. Некои од нив се на врвот на рангирањето со децении, додека некои други се помалку познати. Но, кои се најбрзо растечките градови за богатите?

Во 2022 година, градовите со силни нафтени и гасни индустрии како Ријад, Дубаи, Луанда, Абу Даби, Доха и Лагос забележаа исклучителен раст. Градовите во ОАЕ станаа магнети за милионери, привлекувајќи над 4.000 милионери во 2022 година. Во САД, неколку држави кои се пријателски настроени кон даноците, како Тексас и Флорида, станаа дом на американски компании кои ги преместуваат своите седишта таму.

Гледајќи во иднината, компаниите и поединците со висока нето-вредност неизбежно ќе се преселат таму каде што се третирани најдобро. Земјите кои сакаат да привлечат богати поединци ќе мора да применуваат даночни политики заедно со други фактори како што се квалитетот на животот, безбедноста, образованието и пристапот до удобности што ги ценат ултра богатите жители, наведува „Вижуалкапиталист“.