Луѓето кои се занимаваат со производство на чевли и облека земаат најниски плати.

Најниска просечна плата има во дејноста производство на кожа и слични производи од кожа – 23.579 денари, бруто, а потоа следи дејноста заштитни и истражни дејности – 24.700 денари. Со ниски плати се и вработените во туристички дејности и туроператори и останати резервациски услуги и дејности поврзани со нив, односно 25.542 денари.

Работниците кои се занимаваат со производство на облека се со просечна плата од 26.173 денари и услуги поврзани со одржување на згради и уредување и одржување на животна средина и природа со плата во просек од 26.218 денари.

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во март 2021 година е 28.217 денари и бележи раст во однос на март лани од 6,8 проценти. Податоците деновиве ги објави Државниот завод за статистика.

Од СДСМ велат дека економските мерки и политики што ги реализираше Владата предводена од  премиерот Зоран Заев дадоа резултат. Според нив, економските индикатори покажуваат позитивен нагорен тренд, македонската економија е стабилна, жива и динамична.