Околу 1.100 стечајни работници со стаж, од најмалку 14 години, имаат рок од 30 дена да се пријават во Агенцијата за вработување за да добиваат паричен надомест до пензионирањето или до новото вработување.

Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, попознат како закон за стечајци, стапи во сила откако пред една недела Собранието едногласно го донесе.

Овие лица стануваат дел од групата од околу 13.000 невработени, кои примаат надомест, бидејќи останале без работа во државно претпријатие кое отишло во стечај, ликвидација, или пак во него биле прогласени за технолошки вишок.

Законот е повеќе пати менуван со што е зголемуван опфатот на стечајци, а со последната интервенција месечниот надомест од 9.242 денари им е овозможен и на лицата кои за неколку месеци не можеле да го „фатат“ условот да имаат 15 години стаж. Односно, со новото законско решение границата за вработеност во претпријатието пред останување без работа  е симната од 15 на 14 години, со што групата стечајци кои добиваат надомест до вработување или пензионирање е зголемена за уште околу 1.100 лица.

– Законот за стечајци што минатата недела едногласно беше усвоен во Собранието, обезбедува околу 1.100 стечајци да добиваат паричен надоместок од 9.242 денари до денот на пензионирањето или 34 отсто од просечно исплатената месечна нето-плата по работник во државата за претходната година. Со овој закон материјално ќе се обезбедат лицата кои имале најмалку 14 години работен однос во претпријатијата со доминантна сопственост на државата, кои на денот на поднесување на барањето се на возраст од најмалку 52 години (жена) и 55 години  (маж), на кои работниот однос им престанал заклучно со 31 декември 2020, кои оствариле право на паричен надоместок по 1 јануари 1993 година и кои од 31 декември 2020 година до денот на влегување во сила на овој закон, не биле во работен однос, појаснуваат од Министерството за труд и социјална политика.

Додаваат дека со новиот закон се овозможува материјално обезбедување на лица на кои им престанал работниот однос по основ на стечај ликвидација или технолошки вишок, во претпријатија со доминантна сопственост на државата или по нивна приватизација, доколку не го промениле единствениот матичен број на субјектот, а во случај на промена истите да произлегуваат од претпријатието со доминантна сопственост на државата, во периодот од 1 јануари 1993 до 31 декември 2020 година.

Со првиот закон, со кој се обезбедуваат овие работници надомест, им следуваше на само 4.000 лица. Со последните измени на Законот, од 2017 година, до денес решен е статусот на околу 13.000 стечајци.