Според статистичките податоци, трошоците за транспорт се намалени за 1,6 отсто, додека храната и безалкохолните пијалаци поевтиниле за 1,1 отсто во однос на претходниот месец.
Трошоците на животот во Македонија во јуни годинава се намалени за 0,5 отсто во споредба со мај, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Намалувањето на индексот на трошоците на животот претставува месечна дефлација, при што најголем пад е забележан кај транспортот и храната.
Според статистичките податоци, трошоците за транспорт се намалени за 1,6 отсто, додека храната и безалкохолните пијалаци поевтиниле за 1,1 отсто во однос на претходниот месец.
Истовремено, зголемување на трошоците на животот е регистрирано кај рекреацијата, спортот и културата, каде цените пораснале за 1,4 отсто. Следуваат личната нега, социјалната заштита и разновидните стоки и услуги со раст од 0,5 отсто, како и покуќнината, опремата за домаќинствата, редовното одржување на домаќинствата и рестораните и услугите за сместување, каде е забележано поскапување од 0,3 отсто.
Зголемување од 0,2 отсто е евидентирано кај здравствената заштита и информациите и комуникациите, додека облеката и обувките поскапеле за 0,1 отсто. Цените во групите алкохолни пијалаци, тутун и наркотици, домување, вода, електрична енергија, гас и други горива, образованието, како и осигурителните и финансиските услуги останале непроменети во однос на мај.
И покрај месечниот пад на трошоците на животот, на годишно ниво инфлацијата останува позитивна. Индексот на трошоците на животот во јуни 2026 година е повисок за 3,4 отсто во споредба со јуни минатата година, додека цените на мало бележат годишен раст од 3,6 отсто.
Според Државниот завод за статистика, индексот на цените на мало во јуни, во однос на мај годинава, изнесува 99,2.