nafta 2Цената на нафтата на меѓународните пазари падна во близина на најниското ниво во последните четири месеци, притиснати од стрмниот пад на кинеските акции и зголемените знаци за вишокот на глобалната понуда на нафта.

Цената на нафтата на лондонскиот пазар падна за 15 центи на 54,47 $, откако накратко се спушти и на 54,25 $, што е најниско ниво од втори април. На американскиот пазар, цената на нафтата се намали за 26 центи на 47,88 $ за барел.

Цените на кинеските акции паднаа за повеќе од 8 проценти, нивен најголем дневен пад во последните осум години, што резултира со обновување на стравувањата на инвеститорите во врска со изгледите на втората по големина економија во светот.

Кина е најголемиот светски потрошувач на енергија и главен увозник на нафта. Инвеститорите стравуваат дека падот на кинеските берзи може да ја дестабилизира кинеската економија и намалување на побарувачката за гориво.

Цените на нафтата исто така се притиснати од превисокото глобално снабдување со нафта, големите производители од Блискиот Исток се борат за поголем удел на пазарот и црпат 2 до 3 проценти повеќе нафта отколку што е потребно, велат аналитичарите.

Последните податоци од САД, покажаа дека за една недела бројот на американските бушотини е зголемен за 21, што е најголем пораст на нивниот број од април 2014 година, што укажува на натамошно зголемување на производството на нафта од САД. Извозот од јужните нафтени полиња во Ирак, исто така бележи рекорди.

Организацијата на земјите извознички на нафта ОПЕК објави на својата веб страна дека цената на барел сурова нафта во петокот изнесувала 52,08 $, што значи намалување за 96 центи во однос на претходниот трговски ден.