Според економските експерти и универзитетски професори со кои се консултиравме, без сомнение, корона-кризата и импликациите врз светската економија ќе предизвикуваат уште поголемо раслојување и прераспределба на националните богатства на светско ниво. Тие подвлекуваат дека очигледен впечаток е дека во пандемијата богатите стануваат побогати, а сиромашните посиромашни. Кај развиените земји, и покрај контракцијата на економијата во оваа криза, расте националното богатство на сметка на сиромашните

Најголемиот удар од здравствено-економската криза ќе го претрпат земјите во развој

Голем број светски и домашни економисти сметаат дека најголемиот товар од здравствено-економската криза ќе „падне“ повеќе врз земјите во развој, односно дека ќе предизвика дополнително осиромашување на сиромашните земји. Директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева, посочи дека веќе се чувствува дополнително осиромашување на земјите во развој и дека растат нееднаквоста и сиромаштијата кај нив. Истакна дека во иднина ова би можело да предизвика и социјални немири.

Какви се согледувањата на домашните економисти?

Домашните економисти посочуваат дека ниту Македонија, ниту дел од соседите како Албанија, Косово, Србија или, пак, Црна Гора и Босна и Херцеговина нема да бидат имуни на оваа криза, поради што низ следните години ни се заканува дека ќе расте сиромаштијата.
– Оваа криза е специфична сама по себе од аспект на причините поради кои се случи, ефектите што ги предизвика, начинот на дистрибуција низ земјите во светот и штетите што допрва се очекуваат. Имено, за разлика од светската економска криза кога ударот беше најголем кај развиените земји, сега од оваа криза се погодени речиси сите земји и региони во светот. За илустрација, во 2009 година падот на економиите на ЕУ беше -4,2 отсто, додека брзорастечките и земјите во развој имаа раст од 2,8 проценти. Од друга страна, во согласност со последните проекции на ММФ, падот на ЕУ во 2020 година ќе изнесува -7,2 отсто, што значи многу посериозен пад во однос на 2009 година, но истовремено сериозен пад бележат и брзорастечките и земјите во развој, кој се очекува да биде -3,3 отсто. Истовремено, оваа криза не ги заобиколи ниту африканските земји. Имено, Африка во 2009 година имала раст од 3,2 проценти, додека во 2020 г. се очекува да има пад од -2,6 отсто. Ова е потврда на констатацијата дека оваа криза има многу поширок географски распон независно на нивото на развиеност на земјите – нагласи професорот Дарко Лазаров од Eкономскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Лазаров истакна дека она што нас како земја повеќе нѐ интересира е фактот што за разлика од 2009 година кога Македонија беше една од земјите што најуспешно се справија со тогашната криза, денес сме земја што се наоѓа во групата земји со најлоши резултати.
– За илустрација, во 2009 година кога падот на економиите на Источна Европа бил 6,1 отсто, Македонија имаше стапка на раст од -0,4 проценти. Денес, падот на Источна Европа се очекува да биде -4,6 отсто, додека Македонија ќе забележи поголем пад, односно од -5,5 проценти. Дополнително, динамиката на задолжување на земјата во 2020 година е значително поголема споредено со 2009 година. Имено, во 2009 година јавниот долг како процент од БДП се зголемил за 3,2 процентни поени или во апсолутен износ зголемување од 214 милиони евра, а во 2020 г. за цели 10,5 процентни поени или во апсолутен износ зголемување за цели 942 милиони евра. Ова јасно укажува дека македонската економија многу потешко ќе закрепне од оваа криза споредено со претходната криза и дополнително проблемите допрва ќе доаѓаат со оглед на фактот што фискалниот простор денес е сериозно ограничен за иницирање каков било посериозен развоен процес во посткризниот период. Да не заборавиме дека системските и структурните проблеми што ги имавме пред кризата, само ќе ги дополнат проблемите што се предизвикани во овој период како последица од кризата – посочува Лазаров.

Посиромашните земји ќе трпат многу поголеми последици од побогатите

Поранешниот гувернер Петар Гошев посочува дека посиромашните земји веќе трпат поголеми последици од пандемијата и истакнува дека потенцијалот за интервенции со здравствени мерки кај посиромашните земји е помал и дека институциите во помалку развиените земји послабо функционираат.
– Сите фактори заедно што придонесуваат за тоа да имаме понизок раст и понизок животен стандард, сега придонесуваат да имаме посилни последици од пандемијата. Генерално ваквите состојби се однесуваат на целиот свет и на Балканот. Но сите сме свесни дека иако поголем дел од земјите на Балканот се во групата посиромашни, сепак, има исклучоци како што се Грција и Словенија, и тие не се исти како Македонија, Србија, Албанија, Косово, Црна Гора или Босна и Херцеговина. Србија, кај која иако економските остварувања се подобри, не драстично подобри од нашите, сепак, бидејќи посвети големо внимание на пандемиајта и успеа да обезбеди вакцини навреме е за нијанса во подобра позиција. Кај нас има целосна дезорганизација, неспособност, демагогија поради што штетите се и ќе бидат големи. Во рамките на самите земји, сиромашните слоеви во тие земји ќе го извлечат подебелиот крај. И ова важи за сите, и за Македонија и за другите земји како нас, но и за богатите земји како САД, бидејќи и кај нив има сиромашни што ќе бидат најпогодени и ќе има повеќе мртви меѓу посиромашните граѓани отколку меѓу побогатите – нагласи Гошев.
Тој истакна дека Македонија од оваа криза ќе има далекосежни последици, не поради тоа што сме толку сиромашни, бидејќи има и посиромашни земји, туку поради фактот дека сме земја со растурени институции. Според него, последиците од оваа криза се резултат и на лошото управување, не само поради слабиот капацитет да се интервенира со финансии.

Следува уште поголемо раслојување и прераспределба на националните богатства на светско ниво

Професорот Зоран Ивановски од Универзитетот за туризам и менаџмент, посочува дека, без сомнение, корона-кризата и импликациите врз светската економија предизвикуваат уште поголемо раслојување и прераспределба на националните богатства на светско ниво.
– Факт е дека богатите стануваат побогати, а сиромашните посиромашни. Кај развиените земји, и покрај контракцијата на економијата, расте националното богатство на сметка на сиромашните. Прва работа, при контракцијата на економијата кај развиените земји се забележува опаѓање на потрошувачката, додека кај малите и неразвиени земји како нашата, кои генерално зависат од куповната моќ на развиените земји, на странските пазари и економиите каде што извезуваме. Оттука може да очекуваме посилни контракции и намалување на економската активност на домашните оператори, а особено ќе бидат погодени секторите што во областа на конфекцијата, кожарската индустрија, услужните дејности, туризмот, транспортот – објаснува професор Ивановски.
Тој исто така посочува дека богатите земји можат да го префрлат товарот од кризата кај сиромашните земји преку своите валути, поточно преку светските валути што се користат низ целиот свет.

– Преку своите валути, развиените земји како САД ја засилуваат својата позиција, но истовремено ги слабеат помалку развиените земји, односно прелеваат дел од проблемите кај посиромашните. Балканските земји би можеле да поминат подобро доколку Европската Унија покаже солидарност и одвои дел од средствата за земјите од Балканот и тогаш може да очекуваме дека овој дел од ударот ќе биде правично распределен. Во спротивно, секако, ќе го почувствуваме товарот од кризата и во ниеден случај нема да останеме изолиран остров – заклучува Ивановски.

 

Извор:  Нова Македонија