Иако стопанските комори одамна побараа од Владата укинување или барем намалување на парафискалните давачки, тоа дури сега се најавува како дел од Програмата за економски реформи 2021-2023, која Владата ја усвои пред неколку дена

Стопанствениците со поразителни пресметки

Парафискалните давачки претставуваат голем товар за стопанството, а нивниот број во континуитет се зголемува во изминативе десетина години. Покрај средствата, компаниите губат време и во долги и застарени административни процедури, за кои е потребна многубројна документација. Дополнително, постојниот систем на скриени давачки е непредвидлив и тоа сериозно влијае на конкурентноста на македонското стопанство. Бизнис-секторот препорачува да се воспостави унифициран регистар на парафискални давачки, кој ќе ги опфати сите вакви давачки на локално и на централно ниво и ќе биде доволно богат со информации од аспект на цена, сектор и намена, а при што ќе може да се направи бришење или спојување на оние парафискални давачки што се слични, непотребни или ги оптоваруваат компаниите.

Гласот на реалниот сектор допрел до Владата

Иако стопанските комори одамна побараа од Владата укинување или барем намалување на парафискалните давачки, тоа дури сега се најавува како дел од Програмата за економски реформи 2021-2023, која Владата ја усвои пред неколку дена. Програмата, меѓу другото, предвидува и мерки насочени кон подобрување на деловното опкружување, во чии рамки и рационализирање на парафискалните давачки и формирање единствен регистар за нив.
Од Владата велат дека го слушаат гласот на стопанството и реалниот сектор и навремено реагираат и ги приспособуваат своите политики во насока на креирање поволна и предвидлива бизнис-клима.
– На Платформата за јавно-приватен дијалог во инклузивен дијалог веќе се зборува за намалување и укинување на некои од парафискалните давачки, за што е креирана и работна група. Во текот на оваа година, во координација и консултација со сите засегнати страни, ќе следува приоритизација на давачките, по што ќе следува и постепено намалување или укинување на некои од парафискалните давачки – објаснуваат од Владата.

Сѐ поголем товар за деловните субјекти

Од Сојузот на стопански комори на Македонија, пак, предупредуваат дека во меѓувреме парафискалните или скриените неданочни такси, давачки и надоместоци се зголемуваат и претставуваат сѐ поголем товар за деловните субјекти.
– Кога се во прашање малите и средните претпријатија, искуството покажува дека средствата што се ангажираат за овие трошоци се двојно поголеми од оние за плаќање на даноците на годишно ниво. Парафискални такси не се само оние што директно ги наметнува државата туку и оние за кои му дава јавни овластувања на друг да ги собира и од таа причина на пазарот постојат големи оптоварувања од потврди за извршен периодичен здравствен преглед на вработените за кои се плаќаат високи суми, а кои основни услуги секој вработен може да ги добие од редовен преглед преку здравственото осигурување што го плаќа работодавецот – истакнуваат од ССК.
Оттаму додаваат дека уште еден пример е надоместокот за фискални каси, регулиран со Законот за регистрирање на готовинските плаќања, со кој, покрај фискалните апарати, од компаниите се наплаќаат милиони денари од фискален апарат за одржување, неоснована давачка што се наплаќа без разлика дали компанијата користи услуга на одржување или не.
– Како еден од приоритетите е промена на основата на која се пресметува фирмарината, бидејќи на начинот на кој сега се утврдува тој износ, и малите и големите претпријатија плаќаат ист износ, што за малите претпријатија претставува големо оптоварување и трошок – нагласуваат надлежните од ССК.
Тие велат дека парафискалните давачки и без кризните околности во кои се наоѓаме во последниов период претставуваат значителен трошок за претпријатијата и на нивно барање се адресира како проблем за кој очекуваат реформи во насока на нивно значително намалување и каде што можностите го дозволуваат тоа укинување.

Тешко може да се калкулираат и да се проценат благовремено

Професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети, нагласува дека парафискалните давачки не се товар само при кризи туку и во нормални времиња, бидејќи ретко може да се калкулираат и проценат благовремено. Тие не се транспарентни и најчесто се создаваат со периферни нормативни решенија.
– Парафискалните давачки треба да се сведуваат на минимум по сите основи, особено за посреднички тарифи, како при заверување така и при извршување. Во никој случај нивната цел не треба да биде фискална и треба да се укинат побрзо секаде каде што е можно – вели Беџети.
Според него, давачки не се само фискален товар туку се и пречки за ефикасна администрација, а често и извор на корупција. Бирократијата во институциите нив ги користи за таканаречени сопствени приходи и најчесто не се алоцирани.
– Овие давачки ја спречуваат ефикасноста и поттикнуваат пречки во развојот на компаниите, а дефинитивно претставуваат посебен финансиски товар кај малите и микробизнисите и не само за ликвидноста – истакна Беџети.