Јавниот долг достигна 7,4 милијарди евра или 64,4 проценти од Бруто домашниот производ заклучно со 30 јуни. Ова е историско највисокото ниво на јавен долг. Порталот Pari.com.mk анализираше како растеше јавниот долг низ годините и која година се случи пресвртница.

Според графиконот на Министерството за финансии (со податоци што се евидентирани од 2002 година) на најниско ниво јавниот долг бил во 2008 година. Оваа година јавниот долг изнесувал 23 проценти од бруто домашниот производ, односно 1,7 милијарди евра.

Извор: Министерство за финансии

Само ова година кон старите долгови ќе се придружат уште нови речиси 1,5 милијарди евра, односно износ кој е за само 200 милиони евра понизок од вкупниот долг во 2008 година.  Годинава, буџетскиот дефицит, како разлика меѓу планираните приходи и расходи ќе изнесува околу 750 милиони евра и над 700 милиони евра е отплатата на стари долгови. За буџетскиот дефицит и за старите долгови ќе се скројат нови долгови.

Она што е особено интересно,  е фактот што токму во 2008 година, кога е забележан и историски најнизок јавен долг, Македонија ја почувствува големата финансиска криза која започна во САД во 2007 година предизвикана од намалувањето на ликвидноста на тамошниот банкарскиот систем, што предизвика колапс на многу  финансиски институции, и падови на берзанските пазари ширум светот. Но, и покрај тоа, таа година се забележа рекордно ниско ниво на јавен долг од 1,7 милијарди евра, при што буџетскиот дефицит изнесувал само 0,9 проценти.

Всушност, ниско ниво на јавен долг, под 30 проценти од БДП имаше во годините – 2007-ма, 2008-ма, 2009-та и 2010-та. Овие години беа карактеристични по тоа што буџетот се држеше доста балансирано во однос на приходната и расходната страна. Дури во 2007 година имаше буџетски суфицит (трошењето беше помало од собраните пари) во висина од 0,6 проценти од бруто домашниот производ. Од 2009 до 2011 година буџетскиот дефицит се движеше околу 2,5 проценти

Во 2012 година, буџетскиот дефицит нагло станува 3,8 проценти од БДП и од 2013 година јавниот долг почна да надминува 40 проценти од БДП. Причината за растот на јавниот долг во овој период е поради реазлизацијата на  Проектот „Скопје 2014“ кој чини над 600 милиони евра.

Сегашното надминување на јавниот долг над 60 проценти од БДП и на буџетскиот дефицит над 3 проценти од БДП, горни лимити утврдени со договорот од Мастрихт ( критериуми за влез на членките на ЕУ во третата етапа од Европската економска и монетарна унија) се неопходни затоа што оваа криза е предизвикана од здравствена криза, така што негативниот ефект е неспорно поголем од Големата финансиска криза која делумно ја поремети македонската економија.

Но, она што предизвика, а и се уште предизвикува бурни реакции во јавноста е како и зошто јавниот долг се зголеми од 23 проценти од БДП во 2008 година на речиси 50 проценти од БДП во 2019 година.

Редакција Пари