Се продава стан во градба по цена од 950 евра за квадратен метар во населба Влае, се продава нов стан кај Универзална по цена од 1.300 евра за квадратен метар, нов стан во Кисела Вода со цена од 1.100 евра за квадратен метар, луксузен стан во „Панорама резиденс“ со цена од 1.699 евра за квадаретн метар…. Ова се дел од огласите кои може да се прочитаат на специјализираните сајтови за огласување. Цените, уште на прв поглед е јасно дека се повисоки од оние на кои бевме навикнати пред 1-2 години, а тоа го потврдуваат и податоците од Народната банка. Според тие податоци, цените на становите во вториот квартал годинава на годишно ниво бележат раст од 4 проценти, а во однос на претходниот квартал од три проценти.

Градежниците пак, алармираат дека цените на квадратниот метар уште ќе растат. Тие предвидуваат дека нема да биде далеку денот кога во центарот на Скопје за метар квадратен новоизграден станбен простор ќе се плаќа по 2.000 евра. Од Градежната комора, пролетва соопштија дека пандемијата веќе ги зголемила цените на лимот и на цевките за челични конструкции пораснаа до 80 отсто, на геокомпозитот и на термоизолацијата до 50 отсто, на арматурното железо до 40 отсто, но дека очекуваат и понатамошен раст на цените.

Порталот Пари, во соработка со БизнисМрежа.мк анализра каква е профитабилноста на компаниите во градежниот сектор во 2020 година во однос на 2109 година, колкави приходи оствариле, имале ли добивки?

Збирно, податоците за 15-те најголеми комании (по приход) од градежен сектор, покажуват дека тие во 2020 година оствариле вкупен приход од 189,76 милиони евра, а нивната вкупна добивка била 17,3 милиони евра. Во 2019 година, имале вкупен приход од 188,25 милиони евра, а нивната добивка изнесувала 20,5 милиони евра. Сепак, веќе е извесно дека малиот раст на приходите во 2020-та во однос на 2019-та, не може да се припише на раст на обемот на работа, токму дека главно е поради зголемените цени на градежниот материјал, како и на потоа продадениот квадрат. Оттука, не е за изнанадување и тоа што покрај зголемените приходи, има вкупно намалена добивка.

Топ 5 компании од градежен сектор по добивка

Најголема добивка во градежниот сектор лани имала ЗСФ КОМ ДООЕЛ од Скопје. Компанијата остварила приход од 11,8 милиони евра, а имала добивка од 3,76 милиони евра. Податоците покажуваат и дека компанијта имала раст на приходите од 57,5 проценти во 2020 година во однос на 2019 година, а растот на добивката, пак, бил 45,7 проценти.

Но, најголемата компанија по добивка, не била и најголема по приход. Најголем приход остварила компанијата за градба на инфраструктура Ак Инвест. Таа минатата година остварила приход од 33,4 милиони евра и добивка од околу 908 илјади евра.

Всушност, она што е пресудно за да се оцени дали растот на цените на градежните материјали целосно паѓа на грбот на купувачите, или пак градежните компани ја намалуваат својата заработувачка,  како што често велат, треба да се испита нивната профитабилност, односно колкаво е процентуалното учество на нивните добивки во приходот во 2020 година, споредено со 2019 година. Ги анализиравме првите 5 компании од градежниот сектор по големина на остварени приходи. Податоците покажаа дека кај 4 од нив профитабилноста се намалила, само кај една се зголемила.

Профитна маржа (учество на добивка во вкупен приход) на 5 најголеми комапнии според приходите

Редакција Пари