Во 2027 година ќе ги вратиме 500-те милиони евра од сегашната еврообврзница, а дотогаш ќе стигнат за плаќање уште три во вкупна вредност од 1,9 милијарди евра. Покрај основицата, ќе се враќаат и каматите.

„Пари“ пресмета колкави се каматите за досега земените еврообврзници. Податоците кажуваат дека за сите претходни осум еврообврзници, вкупниот износ на камати што сме го платиле или што допрва доаѓа за плаќање е дури 867,8 милиони евра. Ова се камати за вкупно позајмени 3,4 милијарди евра. На овој износ треба да ги додадеме новите 500 милиони евра. Во првичното соопштение од Министерството за финансии, не кажаа кога е рокот на враќање на новата еврообврзница, но соопштија дека годишната камата е 6,96 %, што значи дека секоја година за неа ќе треба да се даваат 34,8 милиони евра за камата! При првиот обид за издавање на деветтата еврообврзница која се повлече поради оставката на министерот за правда што требаше да ја потпише, министерот за финансии, Фатмир Бесими, рече дека ќе се оди на покус рок за да се платат помалку камати и беше предвиден рок на отплата од 4 години. Ако тоа важи и овој пат, оваа еврообврзница ќе однесе 139,2 милиони евра во камати.

Македонија издаде 9 еврообврници:

ИЗДАДЕНА ИЗНОС (ВО МИЛИОНИ ЕВРА) ОТПЛАТА КУПОНСКА КАМАТА ВКУПНО КАМАТА (ВО МИЛИОНИ ЕВРА)
2005 150 2015 4,625 %  69,4
2009 175 2013 9,88 % 86,4
2014 500 2021 3,98 % 139,1
2015 270 2020 4,88 %  65,8
2016 450 2023 5,625 % 177,0
2018 500 2025 2,75 %   96,2
2020 700 2026 3,675 % 154,3
2021 700 2028 1,625 %   79,6
2023 500 ? 6,96 % ?

Сегашната еврообврзница е неминовна. Со неа треба да се плати онаа земена во 2016 година во износ од 450 милиони евра, сосе каматата од 25 милиони евра, што е само за оваа година.

Факт е дека доколку не се поништеше претходното издавање на деветтата еврообврзница, задолжувањето ќе чинеше помалку. Таа еврообврзница беше во вредност од 600 милиони евра со купонска камата од 6,25 проценти.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, деновиве, додека се подготвувавме за повторно издавање на деветтата еврообврзница, рече дека ако не се најде камата под 7 проценти, можно е издавање на еврообврзница во помал износ, односно од 500 милиони евра. Така и се случи, иако каматата е сосема малку под 7 проценти.

Оваа година е планирано задолжување од 1,6 милијарди евра, од кои околу една милијарда евра од странство и околу 600 милиони евра од домашни извори.

Истовремено со соопштението за издавање на еврообврзницата, Министерството за финансии информираше и дека се обезбедени 100 милиони евра од инструментот за макрофинансиска поддршка на Европската Комисија по каматна стапка од приближно 3 %.

„Остатокот од средствата планиран за буџетските потреби за 2023 година се обезбедува преку поволни заеми од меѓународни финансиски институции, односно Меѓународниот монетарен фонд, Светска банка и др., со пониска камата, кои, во исто време, ќе бидат поддршка за политиките кои се спроведуваат, а кои на среден и долг рок ќе придонесат за поголем раст“, соопшти Министерството за финансии.

Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/za-dosegashnite-evroobvrznici-kamatata-e-847-milioni-evra-za-novata-godishno-kje-plakjame-34-milioni-evra/