Жените земјоделки ќе можат да користат платено породилно отсуство. На финансиска поддршка од 100.000 денари имаат право жените кои вршат земјоделска дејност, имаат статус на осигуреник како индивидуален земјоделец и се носител или член на семејното земјоделско стопанство.

Со вкупно обезбедени 6 милиони, или по 100.000 денари за деветмесечен надоместок за мајчинство, ќе можат да добиваат жените земјоделки за дете кое е родено од 1-ви декември 2023 до 1-ви декември 2024 година.

Правото на овој надоместок мајките го имаат по три основи. Ако се запишани во регистар на земјоделски стопанства како носител или член на семејното стопанство.

Потоа, ако припаѓаат на земјоделско стопанство кое за 2022 користело финансиска поддршка од најмалку 100.000 или има приход од вршење на дејноста од минимум 300.000 денари.

Третата основа е да има непрекинат статус на осигуреник како индивидуален земјоделец според Законот за пензиско и инвалидско осигурување во траење од 6 месеци пред раѓање на детето.

Средствата се добива со поднесено барање до платежната агенција најдоцна до 10-ти декември годинава, а исплатата е најдоцна до 25-ти декември 2024 година.

Програма за поддршка за социјална сигурност на жените кои вршат земјоделска дејност за првпат е донесена минатата година.