Газди на фирми злоупотребиле милиони евра од државната помош за исплата на минималец и го оштетиле Буџетот. 

Зеле пари од државата за плати на работниците, но не им ја исплатиле, покажува анализата на УЈП. Има и такви кои на вработените им исплатиле помалку од минималната плата, односно 14.500 денари.

Директорката на УЈП, Сања Лукаревска откри дека 708 компании земале над 385.000 евра од државата за исплата на минималец за работниците за април и мај, но на 1,709 вработени не им префрлиле ниту денар. 120 од овие компании и за април и за мај добиле финансиска поддршка, ни не ја исплатиле на своите вработени. Други пак 3.746 компании на 52.465 работници им го скратиле и минималецот и исплатиле на сметките на работниците 1,5 милиони евра помалку.

Се работи за газди на мали, средни и микро претпријатија, од областа на градежништво, производство, трговија на мало, за служење храна и транспорт, но и еден медиум.

Најмногу од фирмите кои ја злоупотребиле државната помош се од Скопје, Тетово, Гостивар, Струга, Куманово, Битола. Лукаревска испрати последен апел до работодавачите да ги префрлат парите на работниците.

Доколку газдите не ја извршат исплатата, од УЈП во координација со Државниот инспекторат за труд најавија присилна наплата, глоби и враќање на средствата назад.