Државниот пазарен инспекторат во периодот од 13.03 до 19.03.2023 година изврши над 650 инспекциски надзори на целата територија на земјата, при што биле наплатени и издадени над 175 прекршочни платни налози со вредност над 6.230.000 денари, соопшти ДПИ.

Државниот пазарен инспекторат врши континуирани инспекциски надзори кај трговците на големо и мало во делот на почитување на Одлуката за замрзнување на цената на лебот до 33 денари, Одлуката за определување обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед и Одлуките за определување на највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало.

Во горенаведениот период на територија на Република Северна Македонија се извршени над 530 инспекциски надзори и контроли по Одлуките за посебни услови за трговија на одделни стоки. Во некои економски субјекти констатирани се прекршоци за што се издадени прекршочни платни налози во висина од над 1.750.000 денари.

Државниот пазарен инспекторат и понатаму интензивно ќе спроведува контроли и надзори во согласност со своите надлежности. Нема да има отстапувања и ќе биде казнет секој оној кој пробал на било каков начин да изврши прекршување на законите по кои постапува пазарниот инспекторат, се вели во соопштенито до медиумите.