Пазарот на криптовалути утрово закрепна за 1,1 отсто од вкупната вредност, а според веб-страницата CoinGecko, капитализацијата моментално изнесува 2,19 трилиони долари.

Биткоинот, во последните 24 часа се искачи над 43.000 долари, што значи дека порасна за 1,2 отсто. Според веб-страницата CoinGecko, моментално се тргува по цена од 43.064 долари. Итриумот забележа нешто поголем раст – 1,8 отсто и моментално се тргува по цена од 3.320 долари.

Цената на доџкоинот пак, вчера утрото порасна за повеќе од 15 отсто, пред благо да падне, поттикната од твитот на извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск, дека компанијата ќе ја прифати криптовалутата како средство за плаќање за некои од производите на компанијата.

Доџкоинот ја надмина цената од 0,20 долари за монета, но во почетокот на тргувањето падна дел од добивката, велат од CoinDesk. Во 7:06 часот по источноамериканско време, порасна за повеќе од 9,0 отсто на дневна основа и се тргуваше за 0,18 долари, пренесува CNBC.

Маск во раните утрински часови на Твитер објави дека одредени производи на „Тесла“ може да се купат за доџкоини, но тоа се многу мал број артикли, забележуваат американските медиуми, пренесува Танјуг.