Климатските промени проследени со долги суши, мразови, но и со многу дождови, како и самите болести, негативно влијаат врз приносите во пчеларството.

Во една таква безизлезна ситуација и оваа пролет се наоѓаат домашните пчелари кои, како што објаснуваат дел од нив, се соочиле со огромни загуби на пчелни семејства, па засега не можат точно да проценат какви ќе бидат приносите на мед годинава.

Пчеларите се жалат дека во некои региони била забележана смртност од дури 50 до 70 проценти, додека, пак, нормалната смртност на пчелите во текот на зимата обично низ годините се движела од 10 до 15 проценти.

Но, без разлика на сѐ, пчеларите се вредни луѓе исто како пчелите, па и покрај огромните загуби, тие не се откажуваат и очекуваат подобри временски услови.

-Ќе биде подобро, мора да биде. Постојано ја следиме временската прогноза, бидејќи токму од времето во наредните месеци ќе зависи колкав принос ќе имаат пчелните семејства. Ако ја погледнеме пролетта ваква каква што е – студена и дождлива – тогаш не може да очекуваме повеќе од 10 килограми мед по пчелно семејство. Тоа е далеку под просекот од 30 килограми во нормални услови. Ние сме ваделе и по 100 килограми мед по пчелно семејство, но тоа беа други времиња – објаснува долгогодишниот пчелар Најдо Бојковски од Велес.

Тој вели дека и покрај климатските промени и сите непогоди, сепак, најдобар за опстанок и најиздржив се покажал домашниот македонски сој на пчела.

-Станува збор за домашен сој на пчела, а ние нагалено овие пчелички ги нарекуваме „Македонка“. Тие се прилагодени на условите и добро опстојуваат на нашите простори. Можам слободно да кажам дека се надополнуваме во работата – малку работат тие, а малку ние. Не може сѐ да биде оставено само на нив, па и тие имаат душа. Работиме макотрпно, упорни сме да ја одржиме во живот пчелата која е многу значајна и за земјоделството и за другите гранки – вели Бојковски.

Во Македонија има околу 6.000 пчелари со околу 230.000 пчелни семејства. Најголемиот број пчелари се занимаваат со пчеларство од хоби, а само 10 до 15 отсто се професионални пчелари.
Пчеларството во земјава е субвенционирана дејност. Пчеларите добиваат по 10 евра за пчелно семејство. Субвенцијата изнесува 800 денари за оние што имаат од 50 до 100 пчелни семејства. За набавка на опрема, пчеларите можат да аплицираат и за ИПАРД средства.

Пчеларите апелриаат до овоштарите да користат заштитни средства за овошките кои се еколошки и кои не им штетат на пчелите. Како што тврдат, ваквите средства се ефикасни и не се поскапи од конвенционалните, а при пошумувањето државата да настојува да се користат багремот и медоносните растенија.