– Пред утрешното официјално обраќање до јавноста сакам да истакнам две работи. Од „експерти“ и борци кои пред се’ се од Охрид, а доставуваат и поднесуваат извештаи, параизвештаи и идеи за Охрид и неговиот напредок, пред се’ во негативна конотација, им е смачено на Охрид и охриѓани. Министерке Бисера, не е проблем да не знаете, проблем е да не се информирате и да си терате ваша приказна сосема погрешна и пред се’ на ваша штета. За овај предмет, шест години Општина Охрид и претходните градоначници, даваат негативно мислење и го одбиваат по еден основ и сите шест години второстепената комисија на Министерство за транспорт и врски го враќа на повторно одлучување во Општина Охрид, а за оваа околу една година мандат два пати сум дал негативно мислење како градоначалник за претходно даденото одобрение за градба. Овој пат, второстепената комисија, веројатно за прв пат во историјата одлучува мериторно за овај предмет и го уважува одобрението за градба од 2015-2016 година, кое било издадено во тој момент, а покрај мериторната одлука во рок од две недели му дава и правосилност на истото, а на нас како општина само ни стигна известувањето без да имаме можност да реагираме, затоа што основот по кој беше поништувано решението за градба сите овие години наназад го падна Министерството заедно со второстепената комисија и на тоа решение е потпишан вашиот колега Благој Бочварски, вели Пецаков.

Тој ја потсетува министерката дека, кога повикува некого, тогаш барем да погледне во своите редови и ќе и’ станат појасни работите.

– Утре со целосната документација за предметот ќе ја запознам и јавноста, а и ќе Ве потсетам на тоа како и на кој начин преку планини и мечки Зоран Заев во Охрид ветуваше решение на проблемот. Секогаш сум стоел на располагање на сите луѓе, секако и на Вас министерке, за да Ве запознаам со материјата која Ве интересира, а се однесува на Охрид, стојам и сега. Не за друго… за да не лутате по ингеренции и надлежности, а за мене побитно за одговорност, потенцира Пецаков.

Националната комисија за УНЕСКО вчера донесе заклучок на Општина Охрид да ѝ се препорача повторно да ги разгледа активностите поврзани за изградба на објект на крајбрежјето во Лагадин, притоа водејќи се по препораките од Реактивните мониторинг мисии на советодавните тела на УНЕСКО и одлуките на Комитетот за светско наследство и почитувајќи го Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион.

– Силно препорачуваме сите активности поврзани со овој објект да бидат ставени во мирување до конечноста на одлуката на Општина Охрид, изјави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска по седницата на Националната комисија за УНЕСКО.

Исто така, на Општина Охрид ѝ се препорачува, рече министерката, да ја поништи Одлуката за начин на спроведување на постојните урбанистички планови и ж урбанистичко плански документации и донесување нови урбанистички планови и урбанистички проекти, како и за начинот на водење на постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, број 08-17370/61 од 22-ри декември 2022 година и да донесе нова Одлука која ќе биде во согласност со Законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион и со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, имајќи предвид дека во Законот управувањето со светското природно и културно наследство е од јавен интерес. (Крај)