Печалбарите во Македонија, лани  во земјава депонирале  262 милиони евра, што претставува зголемување во однос на 2019 година за близу 50 отсто. Ваквиот тренд е забележан и во првото тромесечие од оваа година. Податоците на Народната банка покажуваат дека овие пари граѓаните кои работат во странство во земјава ги испратиле по официјални банкарски канали или на сметки, и по пат на  брз трансфер на пари. Од друга страна, во услови на рестриктивни мерки и намалено меѓународното движење на патници, парите кои печалбарите ги внеле во кеш во земјава се намалени за 40 отсто, или преку граница на легален пат биле пренесени 772 милиони евра.

„Со постепеното надминување на здравствената криза преку процесот на масовна имунизација и закрепнувањето на глобалната и на домашната економија, се очекува постепено закрепнување и на приватните трансфери и зголемување на нивното учество во БДП, за околу 2 процентни поени, во просек, во 2021-2022 година, со што тие се очекува дека ќе се вратат на претпандемиското ниво“, велат од Народната банка.

Според информациите од државните институции приливите од приватните трансфери се битен сегмент од македонската економија, не само од аспект на платниот биланс туку сериозно влијаат на животниот стандард на дел од населението и овозможуваат значајна поддршка на приватната потрошувачка, а со тоа индиректно и на растот на БДП.

Најголем дел од овие приливи на приватните трансфери, или околу 80% од нив се наменети токму за тековна потрошувачка, а од друга страна пак, потрошувачката на граѓаните претставува најзначајната расходна компонента на БДП, со просечно учество од над 70%.

Полошкиот регион е познат и по огромниот број на граѓани кои секоја година заминуваат на печалба во странство. Угостителите од овој дел на Македонија велат дека се чувствуваат последиците од пандемијата, кога станува збор за печалбарите. Годинава помал број се вратиле, а испратиле и помалку пари кај своите блиски. Потврда за тоа се и намалениот број на свадби кои се традиција на печалбарите во овој дел на годината.

„Дојдени се печалбари во Тетово, но поради кризата малку се прават свадби, и тоа со малку гости. За околу 70 отсто се намалени бројот на свадбите во однос на периодот пред пандемијата“, рече Насер Хавзија – ХоРеКа.

Во преткризниот период вкупните приливи од приватните трансфери изнесуваа во просек околу 16% од БДП. Минатата година, поради пандемијата дојде до нивно намалување, со оглед на тоа што поголем дел од дознаките се праќаат во готовина, со што тие изнесуваа околу 12% од БДП.