Вкупно 23 пензионери во мај ја зеле највисоката пензија што се исплатува во државата. Таа изнесува 57.304 денари и е еднаква на две просечни плати во државата. Тие се дел од вкупно 1.325-те најдобро платени пензионери, чии месечни примања надминуваат 40.000 денари.

Минимална пензија, која се движи од 9.868 до 12.077 денари добиваат нешто над 94 илјади пензионери. Но има и околу 24.000  лица чии месечни пензии се пониски од минималната, односно се под 9.868 денари. На најголемиот дел од пензионерите, или на над 203 илјади, на сметките им легнуваат пензии меѓу минималната и максималната, односно од 12.077 до 40.067 денари. Тие сочинуваат околу 60 проценти од пензионерите.

Според статистиката што ја води Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во мај во државата имало 323.778 корисници на пензија. Тој месец во однос на претходниот завршил со 364 пензионери помалку, зашто повеќе починале, отколку што се пријавиле нови. Или, на списокот на пензионери во мај се допишани 1.751 нови, додека пак истиот месец 2.115 починале.

Просечната мајска пензија изнесува 15.636 денари. Најниски се земјоделските пензии, кои во просек едвај надминуваат 8.000 денари. Со просек од близу 23.000 денари највисоки се воените пензии.

Најголем дел од пензионерите не се задоволни од примањата, ниту пак од зголемувањата кои им следуваат. Пратеникот Илија Николовски од Партијата на пензионери вели дека имаат предлози и конкретни барања за обезбедување повисок стандард на пензионерите.

-Според информациите што ги одбив од директорката на Фондот за ПИОМ во мај најниската исплатена пензија во државата изнесувала 10.363 денари. Ние бараме минималната пензија да изнесува 70 проценти од минималната плата, а просечната пензија да е 60 проценти од просечната плата во државата. Исто така, пензиите не треба да се усогласуваат со минималната плата, туку со трошоците на живот и со просечната плата. Со ова ќе се подобрат примањата на пензионерите, појаснува тој за весникот ВЕЧЕР.

Николов потенцира дека со сегашниот начин на усогласување пензиите малку се зголемуваат, па 182 илјади пензионери примаат пензија пониска од 15.000 денари. Овие предлози тој ги изнесе на минатомесечната собраниска седница за пратенички прашања, но вели дека не е задоволен од одговорот на премиерот Зоран Заев, па пак ќе ги постави и ќе бара конкретен одговор на седницата што ќе се одржи на 30 овој месец.

Пензиската статистика покажува дека најголемиот број, или близу 324 лица, се корисници на пензија по основ на работно право. Во државата има и над 1.000 воени пензионери, како и 82 корисници на земјоделска пензија.

Пензиите по закон се усогласуваат со платите два пати годишно, од 1 јануари и од 1 јули. Според објавата на Фондот за првата половина од годинава пресметано е усогласување од 1,20 проценти.Најголемо процентуално покачување на пензиите имало во 2008 година. Тогаш се усогласени за 13 проценти. Во 2014 и во наредните две години сите пензионери зедоа линеарно зголемување од 600, 621 и 654 денари.