Партијата на пензионери најави дека ќе бара финансиска поддршка на сите со потпросечни пензии, во зависност од можностите на државната каса

Пензионерите со исплатата на септемвриската пензија ќе добијат поголема пензија за 6,8 проценти, објави Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Ова значи дека во просек на сите пензионери, пензиите ќе им се зголемат за 1.109 денари, бидејќи просечната пензија е 16.313 денари.

Податоците од Фондот за пензиско осигурување откриваат и дека најниската пензија во државава изнесува 10.276 денари, а тој износ го примаат 2.960 пензионери. Тие ќе добијат зголемување на пензиите од 699 денари. Највисоките исплатени пензии се 60.294 денари, а нив ги имаат 47 пензионери. За нив, зголемувањето на пензиите ќе значат дополнителни 4.099 денари.

Според последните податоци, кои се однесуваат на јули, во државава имало 330.884 пензионери. До 11.500 денари, пензии земаат 92.300 корисници, или 27,89 проценти. Од 11.501 до 14.000 денари има 69.440 корисници, а 20,99 проценти, додека над 18.001 денари има 102.724 корисници, или 31,05 проценти.

Објавувањето на процентуално зголемување на пензиите, кое се однесува на сите корисници, обично предизвикува бурни реакции во јавноста од пензионери, кои велат дека од зголемувањата на пензиите најмногу ќар имаат оние со високи пензии, додека оние со ниски добиваат мало зголемување.
Експертите објаснуваат дека усогласувањето на пензиите е направено со цел тие да растат со растот на инфлацијата и просечните нето плати, и тоа еднакво треба да важи за сите, зашто во спротивно, ако има поголемо усогласување на пониските пензии од повисоките, повисоките релано би се обезвредниле – би ги изела инфлацијата.

Претседателот на партијата на пензионери Илија Николовски вели дека партијата се залага пензионерите со пониските примања од просечните пензии да добијат финансиска помош.

„Усогласувањето на пензиите со трошоците на живот и со растот на просечните плати треба да се однесува на сите, со ист процент. Во спротивно, сосема е логично тие што сега плаќаат поголем пензиски придонес во апсолутен износ да кажат: „Зошто ние да плаќаме повеќе?“ Но, државата е должна да им помага на сиромашните, ние сме социјална држава. Ние како Партија на пензионери ќе предложиме социјални пакети за сите што имаат потпросечна пензија. Но, да се разбереме, кога велам социјални пакети, не мислам на пакет производи туку на финансиска поддршка што ќе биде во одредено времетраење за одредени групи, зависно од можностите на државниот буџет“, изјави Николовски за „Слободен печат“.

Тој вели дека е очигледен големиот распон меѓу најниските и највисоките пензии и затоа Паријата на пензионери ќе инсистира на повремено нивелирање на пензиите.

Според новата методологија од март годинава, редовното законско усогласување на пензијата се врши двапати во годината од 1 март и 1 септември секоја година.

„Усогласувањето на старосната пензија се врши според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50 отсто и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Северна Македонија во висина од 50 отсто. Пензијата од ставот (1) на овој член, се усогласува на 1 март и на 1 септември секоја година според процентот што се добива како збир на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие и процентот на порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Северна Македонија во претходното полугодие во однос на полугодието кое му претходи“, пишува во Законот за пензиско и инвалидско осигурување.

Фондот за ПИОМ извести дека на 26 август добил допис од Државниот завод за статистика, кои ги дал пресметките за законското усогласување од 1 септември.