Во петгодишната програма за земјоделството и руралниот развој е предвидено финансиската поддршка секоја година да биде зголемувана. Директните плаќања, односно за субвенциите од 6,6 во 2023 година, треба да достигнат 8 милијарди денари во 2027 година. Целта е да се обезбеди целосно покривање на потребите за храна со подобрување на конкурентноста на земјоделско-прехранбениот сектор…

Во новата национална програма за земјоделство и рурален развој, во наредните пет години се предвидува постепено зголемување на субвенциите од 6,6 на 8 милијарди денари.

За полјоделски, лековити, ароматични и зачински растенија во сите 5 години се предвидуваат по 6.000 денари по хектар. 7.000 за употребно сертифицирано семе за пченица, јачмен, пченка и 4.500 за сончоглед и маслодајна репка.

За производителите на ориз се предвидуваат 12.000 денари по хектар и дополнителни 6.000 за продадениот род кај регистрирани откупувачи. За афионот се планираат 18.000 ден за производство од најмалку 300 килограми по хектар. За субвенции се потребни и минимални просечни приноси од 3.000 килограми за пченица и јачмен, 1.500 за сончоглед и 1.800 за маслодајна репка.

Останува финансиската поддршка за складирање на пченица и јачмен од домашно производство со 50 проценти од просечните годишни трошоци за складирање.

Од 5 до 20 проценти изнесува помошта за одделни категории носители на земјоделско стопанство, а за членови на земјоделски задруги дополнителни 10 отсто на вкупниот износ на субвенциите.