Државата мора итно да излезе на терен и да провери што се случува на откупните пунктови. Земјоделците бараат да се почитуваат договорените откупни цени и да се стави крај на ситуацијата во која нивниот труд и род завршуваат под трактор наместо на пазар. Со 15 денари за килограм, производителите велат дека не можат да ги покријат ниту трошоците за производство, додека договорените цени остануваат само на хартија. За разлика од кај нас, на пазарите во соседството пиперката се откупува по едно евро, односно околу 60 денари за килограм.
Наместо на откупен пункт, пиперките почнаа да се уништуваат и да се оставаат да скапуваат по нивите. Револтирани од ниската откупна цена, која се спушти на само 15 денари за килограм, земјоделците почнаа со трактори да ги ораат нивите заедно со родот. Пресметаната производствена цена изнесува 26 денари за килограм, што значи дека моменталната откупна цена не ги покрива трошоците за семе, ѓубрива, препарати, наводнување и работна сила. Пиперката „куртовска капија“, која според претходно утврдените цени требаше да се откупува по 40 денари за килограм, на дел од откупните пунктови се презема за само 15 денари.
За разлика од Македонија, во соседните земји црвената пиперка се откупува по цена од околу едно евро, односно 60 денари за килограм. Земјоделците велат дека дополнителен проблем претставува и нелојалната конкуренција на надворешните пазари, поради повисоките субвенции што се исплаќаат во земјите од регионот, меѓу кои Албанија, Србија, Грција и Бугарија.
Дополнителен проблем, според производителите, е и ограничувањето на пласманот на македонските земјоделски производи на странските пазари. Како пример ја посочуваат Бугарија, која, според нив, ги користи механизмите од ЦЕФТА за ограничување на увозот на македонски производи. Во последниот случај, назад беа вратени девет тони македонски пиперки, со што вкупната количина на вратена пиперка достигна околу 20 тони, заедно со претходно вратените 11,6 тони.
Поради сето ова, земјоделците велат дека се ставени во безизлезна ситуација. Ако ја остават пиперката на нива, таа ќе презрее и ќе скапе, а ако ја однесат на откуп, добиваат цена која, според нив, не го вреднува нивниот труд. Поради тоа, наместо да ја продадат, дел од производителите го уништуваат родот на нивите. Револтот е уште поголем поради тоа што, според земјоделците, договорените откупни цени не се почитуваат на терен. Производителите бараат да се почитуваат договорените правила и цени, со цел да можат барем да ги покријат вложувањата во производството и да не работат со загуба.
– Како може производствената цена да изнесува 26 денари, а пиперката да се откупува по 15 денари за килограм, и тоа за прва класа? Освен ниската цена, откупувачите не сакаат да ги откупуваат ниту пониските класи, кои остануваат да скапуваат по нивите. Откупот е стихиен и не е континуиран, поради што земјоделците се револтирани и ги газат пиперките со трактори. Земјоделците се очајни и велат дека не можат да ги вратат ниту долговите за репроматеријали – ѓубрива, препарати за прскање, семиња – кон земјоделските аптеки, ниту, пак, да им платат на работниците за работната рака, изјави за весникот ВЕЧЕР Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.
Тој додава дека ниту државата не успева да се справи со, како што вели, „дивеењето“ на откупувачите и трговците кои не ја почитуваат договорената откупна цена од 40 денари за прва класа и 30 денари за прва-втора класа.
– За разлика од Македонија, црвената пиперка во соседството се откупува по едно евро. Истовремено сме под притисок од соседните држави, посебно од Бугарија, која користи различни механизми за да го блокира увозот на македонските производи. Од друга страна, кај нас имаме наплив на увоз на земјоделски производи, со што се врши уништување на домашното земјоделско производство, додава Каракашев.
Земјоделците од Пелагонија велат дека се уценети од откупувачите, кои, според нив, знаат дека пиперката ќе им скапе доколку не ја предадат веднаш.
– На пунктовите знаат дека на земјоделците ќе им скапат пиперките и затоа ја држат цената долу. По еден месец, кога ќе нема пиперки, тогаш ќе ти даваат и по 80 денари за килограм, ама тогаш ќе нема пипер и џабе ти е. Најубавата пиперка што не е скапана ти ја земаат за 18 денари од килограм. Па не е фер“, велат земјоделците.
Тие посочуваат дека договорените цени меѓу Министерството за земјоделство, производителите и откупувачите не се почитуваат на откупните пунктови.
– Министерот излегува и вели дека прва класа ќе биде 40 денари. Нека помине по селата, нека ги прошета пунктовите, па да видиме дали е 40 или 15 денари најубавата пиперка. Земјоделецот сега е стегнат со пиперот – му гори, му скапува и мора да го даде од нива. Откупувачите знаат дека пиперките ќе скапат и затоа ја држат цената ваква, велат производителите.
Според земјоделците, нивното барање е едноставно – да им биде исплатено вложеното во производството и да се покријат трошоците за репроматеријали, сезонски работници, наводнување и останатите трошоци.
За споредба, лани кон средината на септември килограм „куртовска капија“ се откупувал за 23 денари, што исто така предизвика револт кај производителите. Годинава цената е 15 денари за килограм, односно осум денари помалку.
Лани, договорената откупна цена изнесуваше 45 денари за прва класа, 35 денари за прва-втора класа, 20 денари за втора класа и 15 денари за трета класа.
Годинава, пак, од старт се договорени пониски цени – 40 денари за ајварска пиперка од прва класа, 30 денари за прва-втора и индустриска класа и 15 денари за пиперка класифицирана како најниска класа.
Серафимовски на почетокот упати апел до преработувачите и откупувачите доследно да ги почитуваат преземените обврски и правилно да ја класифицираат пиперката. Производителите, како што посочи, треба да добиваат точни информации за утврдениот квалитет и за откупната цена што им следува.
Но, според земјоделците, состојбата на терен е сосема поинаква. Тие предупредуваат дека доколку не се почитуваат договорените цени и не се обезбеди континуиран откуп, производството на пиперка ќе станува сè понеисплатливо, а земјоделците ќе продолжат да трпат загуби.