Граѓани се жалат дека добиле двојно повисоки сметки за струја за ноември од она што вообичаено го плаќале во најстудените зимски месеци. Тие сметаат дека не е во прашање зголемената цена на струјата, туку дека ЕВН не ги прочитала нивните струјомери и ставила паушален износ или станува збор за некакво порамнување на сметките. Од ЕВН, пак, велат дека нивните екипи редовно ги читаат струјомерите и дека така било и за овој месец. Оттаму им препорачуваат на граѓаните сами да ги читаат струјомерите и доколку забележат разлика во фактурата да реагираат електронски или директно во Корисничките енергоцентри на ЕВН.

Жител на Ѓорче Петров вели дека и покрај тоа што се топли со инвертер клима, сметката за струја во ноември му била повисока од зимските месеци претходната година.

– Ако во овој месец кога повеќето денови беа топли плаќам 12.000 за струја, тогаш во февруари можно е да добијам сметка и од 50.000. Ваква сметка лани немав ниту во најстудените зимски месеци, бидејќи се топлам со инвертер клима. Сегашната е двојно повисока од тие сметки – вели нашиот соговорник.

Жителка на Центар, пак, вели дека во најтоплите летни месеци добила сметка за струја од 3.000 денари.

– Скоро по цели денови во тој период бевме отсутни од дома, значи, немаше кој да троши струја и во летен месец ни дојде сметка за струја од 3.000 денари. Ја обжаливме и ЕВН ја исправи грешката. За тоа како се случило да добиеме висока сметка не ни појаснија, но наредните месеци ни доаѓаше сметка од 500 денари. Ако не се жалевме, никому ништо. Сега, почнавме сами да го читаме броилото и електронски да ги пишуваме потрошените киловати на веб страната на ЕВН и очекуваме да имаме пореални сметки – вели таа.

Од ЕВН, не негираат дека се можни грешки во фактурите, но тврдат дека нивни екипи редовно ги читаат броилата и она што корисниците го добиле во сметката е потрошена струја.