Платите во Германија продолжуваат да растат побрзо од потрошувачките цени. Во вториот квартал од оваа година, вработените имале 1,5 отсто повеќе пари реално од претходната година, пресмета Федералното биро за статистика.

Во првиот квартал реалните плати се зголемени за 1,8 отсто. Последниот пад на реалните плати статистичарите го забележале во првиот квартал од 2023 година, пренесува ДПА.

„Растот на реалните плати е добра вест и за вработените и за економијата“, вели Малте Либкер од архивата на колективни договори на Фондацијата Ханс Беклер WSI.

Во споредба со вториот квартал од 2019 година, пред пандемијата и воените кризи што следеа, реалните плати се само за 0,6 проценти повисоки.

Од април до јуни оваа година, номиналните плати се зголемија за 4,1 процент, додека потрошувачките цени се зголемија за 2,5 проценти, според статистичарите.