Се приближува важен момент во процесот што ќе доведе до нов изглед на евро банкнотите. На крајот од април годинава истекува рокот на меѓународниот конкурс за дизајн на идната серија, со што започнува клучната фаза на промената која во наредните години ќе биде видлива во секојдневниот живот на граѓаните ширум Европа.

Промената има за цел да го освежи изгледот на банкнотите по повеќе од две децении од нивното воведување, при што ќе се задржат високите стандарди за безбедност, достапност и еколошка одржливост.

Еврото беше воведено во оптек на 1 јануари 2002 година, а првата поголема промена следеше со серијата „Европа“, која постепено се воведува од 2013 година, со подобрени материјали и заштита од фалсификување. Сега се оди чекор понатаму.

Уште во 2021 година беше најавено дека дизајнот ќе биде модернизиран, со цел банкнотите подобро да го одразуваат современиот европски идентитет. Идејата не е само естетска – целта е парите да бидат симбол на заедничките вредности и разновидноста на земјите.

Новата серија ќе задржи шест апоени, од пет до 200 евра, додека банкнотата од 500 евра, која веќе е повлечена поради безбедносни причини и ретка употреба, нема да се враќа во оптек.

Кога станува збор за изгледот, издвоени се две тематски целини: европска култура и реки и птици. Дизајнерите што учествуваат на конкурсот имаат задача преку овие мотиви да претстават идеи што се препознатливи, функционални и визуелно впечатливи.

По затворањето на конкурсот, независно стручно жири ќе избере до десет најдобри решенија, кои потоа ќе ги разгледува Управниот совет на Европската централна банка. Во текот на 2026 година се планира и вклучување на граѓаните преку јавни консултации.

Конечната одлука за изгледот на новите банкноти се очекува до крајот на годината. Дури потоа ќе биде познато кога ќе започне нивното производство, додека за пуштање во оптек ќе бидат потребни уште неколку години.

Иако промените нема да бидат моментални, процесот веќе е во тек, а новиот изглед на еврото ќе го означи следното поглавје во неговата историја.