Централните банки на Германија и на Холандија во петокот објавија дека минатата 2023 година ја завршиле со загуби поради зголемените каматни стапки коишто оставија свој белег и на резултатите на Европската централна банка (ECB) и на американската Федералните резерви (Fedral Reserve – Fed).

Европската централна банка (ECB) во четвртокот објави дека во 2023 година работела со најголема загуба од нејзиното основање, од 7,9 милијарди евра. Со отпуштените резервации загубата се намалува на 1,3 милијарди евра.

Централната монетарна институција на еврозоната ги зголеми клучните каматни стапки за 4,5 процентни поени од јули 2022 година до септември 2023 година за да ја ограничи инфлацијата. Зголемените каматни стапки резултираа со повисоки каматни трошоци за обврските на ECB со кратки рокови на достасување и променливи каматни стапки. Приходите од камати на средствата на ECB не пораснаа со исто темпо како што тие носат фиксни каматни стапки и долги рокови, објаснуваат тие.

Во петокот, германската Bundesbank објави загуба од речиси 21,6 милијарди евра во 2023 година, што целосно ги исцрпи нејзините резерви од нешто повеќе од 19 милијарди евра. За покривање на преостанатиот износ од загубата посегнаа во резервите коишто, исто така, се речиси исцрпени.

Минатата година приходите од камати изнесувале 55,05 милијарди евра, а расходите од камати 68,9 милијарди евра, што значи дека германксата централна банка првпат откако е основан забележала нето загуба од 13,9 милијарди евра во оваа ставка, изјави членот на извршниот одбор Сабине Маудерер, задолжена за сметководство и контрола, се вели во соопштението.

Тоа значи дека пријавуваме нула добивка за распределба, објаснува Маудерер, додавајќи дека во резервите остануваат нешто помалку од 700 милиони евра.

И од ECB и од Bundesbank предупредија дека очекуваат финансиски проблеми и во наредните години.

„Финансиското оптоварување веројатно ќе трае неколку години. Очекуваме дека ќе биде значително и оваа година и дека веројатно ќе ги надмине преостанатите резерви“, изјави претседателот на Bundesbank, Јоаким Нагел, додавајќи дека нема да можат да ја делат добивката за подолг временски период.

Американски Fed со троцифрена загуба

А холандската централна банка во петокот објави дека минатата година ја завршила со загуба од речиси 3,5 милијарди евра.

„Нашиот негативен резултат во 2023 година беше предизвикан од зголемувањето на каматните стапки на ECB (…) за да ја спречи инфлацијата, објаснија тие.

Повеќе од 2,3 милијарди евра од загубата ќе бидат покриени со резервации, а останатите 1,1 милијарди со капитал и резерви, наведуваат тие.

Резервите треба да бидат доволни за покривање на идните загуби, потенцираат од холандскиот финансиски регулатор и додаваат дека не ја разгледуваат можноста за докапитализација од државниот буџет.

„Кога доволно ќе ги обновиме резервите со задржување на добивката, ќе продолжиме со распределба на дивиденди на холандската држава“, велат тие.

Зголемувањето на каматните стапки резултираше со негативни резултати од централните банки во другите земји, како во еврозоната, така и надвор од неа, нагласува холандската централна банка, наведувајќи ја загубата на ECB од 1,3 милијарди евра, со ослободените резерви.

И централната банка на САД забележа оперативна загуба, од рекордни 114 милијарди долари, се наведува во соопштението на Fed.

Во средината на јануари, американската централна банка прелиминарно објави дека ја затворила 2023 година со загуба од 114,3 милијарди долари. Во 2022 година работеше со нето вишок од 58,8 милијарди долари.

Вкупните каматни расходи на Fed изнесуваа 281,1 милијарди долари минатата година и беа речиси трипати повисоки отколку во 2022 година. Приходите од каматите од хартиите од вредност купени на отворен пазар изнесувале 163,8 милијарди долари и биле за 3,7 отсто помали од минатата година, покажува извештајот.