ПРВ КОНКРЕТЕН ЕВРОПСКИ МОДЕЛ ЗА УБЛАЖУВАЊЕ НА ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД ЕЕС ЗА ТРАНСПОРТЕРИТЕ ОД БАЛКАНОТ
Хрватскиот Сабор усвои измени на Законот за странци со кои се отвора можност за специјални долгорочни визи за професионалните возачи од регионот. Ова треба да го реши „долгогодишниот проблем“ на камионџиите кои поради работата често го надминуваат дозволениот престој во Шенген.
– Тоа е чекор напред во решение на проблемот кој произлезе со воведување на ЕЕС системот во Шенген зоната. Овој закон многу ќе помогне на македонските професионални возачи. Со тоа се реализира договорот што го направивме со вицепремиерот и министер Олег Бутковиќ во јануари годинава. Продолжуваме кон конструктивни решенија за нашите професионални возачи – напиша на Фејсбук вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски.
Швајцарија веќе издава долгорочни визи за транспортерите, а Николоски очекува и други европски држави да се приклучат.
Регионалните медиуми главно ја пренесуваат оваа вест како „важен пробив“ за професионалните возачи од Западен Балкан, особено поради новите ограничувања со ЕЕС системот и правилото 90/180 дена во Шенген. Тие речиси едногласно оценуваат дека протестите на балканските транспортери имале ефект, односно дека по блокадите во Србија, БиХ, Црна Гора и Македонија, Европската комисија почнала посебни разговори за статусот на професионалните возачи.
Српските медиуми потсетуваат дека протестите на српските камионџии во јануари и февруари беа масовни. Имаше блокади на границите со Хрватска и предупредувања дека транспортниот сектор може да колабира ако возачите почнат да добиваат забрани за влез во Шенген. На српските портали и социјални мрежи доминира ставот дека Хрватска „практично признала дека ЕЕС системот не функционира за професионални возачи“. Дел од коментарите се дека Загреб „морал да реагира поради зависноста од балкански возачи“.
Во БиХ веста е пречекана многу позитивно. Министерот за транспорт Един Форто изјави дека ова е „важна вест за илјадници професионални возачи од БиХ и регионот“. Босанските медиуми ја нарекуваат мерката „конечно решение“ за возачите кои секојдневно влегуваат во Шенген. Во Сараево се потенцира дека Хрватска е првата ЕУ држава што понудила практичен модел, откако Европската комисија одбила да прави исклучок од правилото 90/180 дена. Затоа босанските медиуми пишуваат дека „решението сега се бара билатерално, држава по држава“.
Во Албанија нема толку силна медиумска покриеност како во Србија и БиХ, но транспортните здруженија ја поздравија можноста хрватскиот модел да стане пример и за други земји од ЕУ. Албанските превозници имаат ист проблем со пресметката на денови во Шенген, особено оние што возат кон Италија, Германија и Бенелукс.
Кај нас уште од февруари и април се пишуваше дека Хрватска подготвува модел со долгорочни визи за возачи од трети земји, особено за оние што работат во хрватски транспортни компании.
Бизнис-заедницата во Хрватска, вклучително и АмЧам Кроација предупредува дека без вакво решение може да има недостиг на возачи, доцнење на испораки и нарушување на синџирите на снабдување. Дел од медиумите додаваат дека Хрватска има сериозен недостиг од работна сила и веќе масовно издава дозволи за работници од БиХ, Србија, Непал, Филипини и Македонија.
Тоа се пишува и во дел од српските и босанските медиуми и се вели дека Хрватска практично се обидува да го заштити сопствениот транспортен сектор, бидејќи без возачи од Балканот може да има сериозен недостиг на работна сила и проблеми со логистиката.