Владата најавува дека ќе во врати ДДВ-то за пелетите од 5 на 18 отсто. Граѓаните кои пелетите ги користат како енергенс за греење, сметаат дека тоа ќе биде нов удар по нивниот семеен буџет. Од ВМРО-ДПМНЕ ветуваат дека нивната пратеничка група ќе поднесе амандман да остане постојното решение за ДДВ-то за пелетите.

Владата смета дека пониската стапка на оданочување за пелетите била дел од мерките за справување со енергетската криза, која е веќе надмината, но и за преминување на други поеколошки извори на загревање на домовите на граѓаните.

Граѓаните кои токму поради субвенциите на Владата преминале на ова затоплување се револтирани што секоја година нивното греење поскапува.

За експертите ова е погрешен потег на Владата, бидејќи не секој може да воведе нов поекономичен начин на греење – топлински пумпи. Вака тие би се вратиле на греење со дрва што е еден од најголемите загадувачи на воздухот и беше основ за субвенционирање на граѓаните да преминат на затоплување на пелети како помалку загадувачка опција.

За куќа од 100 квадратни метри просечно се неопходни два тона пелети чија цена без ДДВ изнесува 18.330 денари. Ова значи дека со евентуалната нова цена на пелетите едно семејство ќе мора да испланира дополнителни 117 евра трошок за греење.

Експертите велат дека Владата не обезбедила услови за поеколошко затоплување на граѓаните за да може да размислува за зголемување на ДДВ за пелетите, котлите и камините на пелети за кои неколку години дава субвенции за да го намали затоплувањето на дрва како голем загадувач на животната средина.

„Ова што сега го прави владата е контрапродуктивно во однос на економичноста и еколошки чистото гориво кое е добро за животната средина. Ако имаше обезбедено услови за инсталирање на централно греење, затоплување на гас и за најдобрата варијанта топлинските пумпи тогаш потегот би бил добар за промена на начинот на греење кај домаќинствата кои повеќе загадуваат. Пелетите помалку загадуваат од затоплувањето на дрва. Но, ние немаме услови за замена на овој начин на затоплување бидејќи централно греење нема освен во Скопје, не е воведен гас до секое домаќинство, субвенциите за топлински пумпи се воведуваат ад хок, а граѓаните во најголем дел се сиромашни и не можат да инвестираат во нив. Сега можеме да очекуваме поради поскапите пелети домаќинствата да се вратат на печките на дрво“, вели професорот на Машинскиот факултет во Скопје Ристо Цицонков.

Досега се даваа субвенции за купување печки на пелети и за инсталирање инвертер уреди. Се проценува дека околу 50.000 домаќинства во изминатиот период преминале од дрво на греење со пелети.

Пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ најавува дека неговата пратеничка група ќе поднесе амандман да остане постојното решение за ДДВ-то за пелетите.

„Владата прво го покачи ДДВ за струјата од 10 на 18 отсто, кубен метар огревно дрво е 5.000 денари, а новото покачување на ДДВ-то дополнително ќе го наруши кревкиот семеен буџет на домаќинствата“, изјави Стојаноски пред зградата на Собранието по средбата што ја имаше пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ со производителите и трговците со пелети.

Претседателот на Здружението на производители и увозници на пелети „Биомак енерџи“, Владимир Стојановски, пак, рече дека ги повикува и другите пратенички групи во текот на неделава да ги повикаат на средба за им ги објаснат нивните аргументи зошто треба предлогот да биде повлечен од процедура и да остане ДДВ-то за пелетите 5 отсто.