evro padНа девизните пазари минатата недела, еврото ослабе во однос на доларот, по три недели континуиран раст, откако европската валута се најде под притисок поради грчката должничка драма.

Девизниот курс на еврото минатата недела во однос на доларот падна за 1,7 проценти на 1,1165 $, а во еден момент во петокот падна на 1,1130 $ на најниско ниво во последните три недели.

Во однос на јапонската валута, еврото ослабе за 0,7 проценти, на 138,30 ¥.

Вредноста на доларот во однос на јенот зајакна за 0,9 проценти, на 123,85 ¥.

Падот на еврото е резултат на грчката должничка криза откако Атина и нејзините доверители не успеаја да постигнат договор за понатамошна меѓународна помош, па на Грција и се заканува технички банкрот.

По преговорите во текот на минатата неделата, грчката влада во петокот конечно го одби предлогот на меѓународните кредитори и најави свикување на референдум на кој граѓаните ќе одлучат дали ќе ги прифатат условите поставени од еврозоната. Грчката влада објави дека ќе им препорачаат на гласачите да гласаат против.

Министрите за финансии од еврозоната во саботата го одбија предлогот на грчката влада за продолжување на програмата за финансиска помош, кој истекува во вторник. Порачаа дека ќе направат се за да се одржи стабилноста на заедничката валута по драматичната ситуација со Грција, која за два дена може технички да банкротира.

Всушност, во вторник Грција треба да го подмири заемот кон ММФ од 1,6 милијарди евра, а Атина нема пари за тоа. Затоа Грција се соочува со банкрот и можен излез од еврозоната.

Во фокусот на инвеститорите се и изјавите од гувернерот на Швајцарската национална банка, кој предупреди дека излезот на Грција од еврозоната ќе предизвика значителни превирања на пазарите и порача дека централната банка ќе се бори против бранот на купување на веќе преценетата швајцарска валута.