Како Народната банка им го менува секојдневието на граѓаните?

  • Ретко која институција може да влијае толку силно, а толку незабележливо, врз секојдневниот живот како што е централната банка, односно за нас во Македонија НБРМ. Од цената на храната, преку ратите за стан, до тоа дали парите ќе стигнат веднаш или за три дена итн., сето тоа зависи од механизми што се наоѓаат во срцето на финансискиот систем

Во изминатиот период НБРМ спроведува две паралелни, но меѓусебно поврзани групи реформи. Тоа се подобрување на преносот на монетарната политика кон економијата, како и целосна модернизација на платниот систем, а сето тоа со цел за да има за граѓаните постабилни цени, поефикасен банкарски систем и плаќања што функционираат со брзина на дигиталната економија.
Во основата на реформите е промената на оперативната рамка преку која Народната банка управува со ликвидноста во банкарскиот систем. Со пократка рочност на основниот монетарен инструмент и поактивно управување со пазарот на пари, сигналите од централната банка побрзо се пренесуваат кон комерцијалните банки.
Наш соговорник, млад економист и добар познавач на монетарна економија, тврди дека ова е клучен елемент на ефективната монетарна политика.
– Ако каматната стапка е „јазикот“ на централната банка, тогаш преносниот механизам е каналот преку кој тој јазик се слуша во реалната економија. Колку е каналот појасен, толку побрзо дејствуваат мерките против инфлацијата или во насока на поттикнување раст – вели нашиот соговорник. Според него, подобреното функционирање на меѓубанкарскиот пазар на пари и приближувањето на пазарните каматни стапки до референтната стапка се знак дека „системот станува поефикасен и попредвидлив“.

Што значи тоа за граѓаните?

Иако звучи апстрактно, ефектите се многу конкретни. Кога монетарната политика функционира подобро, инфлацијата полесно се држи под контрола. Тоа значи дека цените растат побавно или се стабилизираат, а платите и пензиите не ја губат вредноста толку брзо. Паралелно, банките добиваат појасни сигнали за движењето на каматите, што значи дека кредитите стануваат попредвидливи, а долгорочното планирање – полесно.
Уште една наша млада соговорничка, финансиска консултантка, вели дека ова е особено важно за домаќинствата со кредити.
– Граѓаните најмногу ја чувствуваат монетарната политика преку ратите. Кога системот е стабилен, нема нагли и непредвидливи промени, им овозможува на семејствата подобро да го планираат буџетот – објаснува таа.

Платежниот систем, најголемата „тивка“ трансформација

Ако монетарната политика е „невидливата рака“ на стабилноста, тогаш платежниот систем е нејзиниот највидлив дел. Во последно време, НБРМ ги усогласи правилата со европските стандарди за платежни услуги, отворајќи простор за поголема конкуренција и подобра заштита на корисниците. Тоа е дел од поширокото приближување кон Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), што веќе носи поевтини и поефикасни трансакции со странство. За компаниите, ова значи намалени трошоци при плаќања кон и од Европската Унија, како и поедноставени финансиски операции со странски партнери.

Инстант плаќања и крај на чекањето „да легнат парите“…

Најголемата промена што допрва доаѓа е воведувањето на системот за инстант плаќања базиран на европската технологија ТИПС. Со овој систем, парите ќе се пренесуваат за неколку секунди – 24 часа дневно, седум дена во неделата. Наш соговорник, економски аналитичар, смета дека ова е една од најпрактичните реформи за граѓаните.
– Во реалниот живот, ова значи дека „ќе ти пуштам пари утре“ повеќе не значи ништо. Сè ќе биде моментално. Тоа драматично го менува начинот на кој функционираат малите бизниси и секојдневните финансии – вели нашиот соговорник.

Малите фирми како најголеми добитници

Додека граѓаните ќе добијат удобност, малите и средните претпријатија (МСП) ќе добијат ликвидност. Побрзите плаќања значат помалку блокирани средства, побрзо наплаќање од клиенти и помала потреба за краткорочно задолжување. Во пракса, тоа може да значи разлика меѓу фирма што чека три дена да располага со средства и фирма што ги добива за три секунди.
Така, комбинацијата од СЕПА-интеграцијата и инстант плаќањата создава нова финансиска инфраструктура што ја доближува Македонија до европскиот пазар. Тоа не е само технолошки напредок туку и промена во деловната култура, и тоа од бавни и административни процеси кон дигитални и автоматизирани решенија.

Економијата да функционира побрзо, поевтино и постабилно!

Зад сите овие реформи стои една едноставна логика, која нашите соговорници низ шега ја нарекоа „олимписка логика“: ПОБРЗО; ПОСИЛНО, ПОВИСОКО… А тоа во превод за нашата национална економија би значела да функционира побрзо, поевтино и постабилно. Имено, тоа за граѓаните значи помалку неизвесност, побрзи трансакции и поголема сигурност на парите. За бизнисот и за националното стопанство, би значело подобра ликвидност и конкурентност. И на крајот, за системот, тоа би требало да значи поголема отпорност на шокови. Иако ретко се гледаат директно, овие промени се дел од секојдневието што веќе се менува од начинот на кој се зема кредит, до моментот кога со мобилен телефон се плаќа кафе.

Дигитален исчекор на НБРМ: Модернизација на екстерните статистики

БРМ влегува во нова фаза на дигитална трансформација со проект финансиран од ЕУ, чија цел е целосно да го модернизира системот за екстерни статистики. По успешно завршени први две фази – анализа на постојната состојба и подготовка на функционална спецификација, како и изработка на дизајнот на новото ИТ-решение – следуваат развојот, тестирањето и имплементацијата на современ склад на податоци. Новиот систем ќе овозможи побрза обработка и анализа на податоците, поефикасни работни процеси и значително подобра достапност на статистичките информации за институциите, бизнис-заедницата и јавноста. Со тоа, НБРМ ќе ја зголеми оперативната ефикасност и ќе обезбеди поквалитетни и посеопфатни статистички показатели. Проектот има и пошироко значење – претставува дел од усогласувањето на земјата со европските статистички стандарди и обврските во процесот на евроинтеграција. Дополнително, предвидено е воведување на меѓународниот стандард ИСО 20022 во Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС), со што домашниот платен систем ќе се приближи до современите европски и светски практики. Модернизацијата на статистиката и платните системи претставува важен чекор кон поефикасни институции и поголема доверба во финансиската инфраструктура на државата.