Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов ќе се обрати на официјално отворање на ИПА Програмата Бугарија – Северна Македонија 2021 – 2027 (Интеррег VI-A), во Струмица. Денеска официјално отпочнува новиот ИПА 3 програмски период во спроведувањето на Програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија.

Како што најавија од Министерството за локална самоуправа, на состанокот ќе бидат присутни градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, Програмската менаџерка за прекугранична соработка во Европската Комисија Габи Хагмулер, како и замениците министри за локална самоуправа од Бугарија и од Северна Македонија, Десислава Георгиевска и Зоран Димитровски.

Во изминатите два проектни циклуси ИПА Програмата со Бугарија има најдобри резултати, со целосна искористеност на средствата од Европската Унија.

Во спроведувањето на ИПА Програмата за прекугранична соработка, заедно, во двете држави, во двата програмски периоди се реализирани 178 проекти во вкупна вредност од скоро 40 милиони евра, додека во новиот, трет програмски период, на располагање предвидени се над 30 милиони евра со фокус на проекти за интегриран развој, за развој на мали и средни претпријатија, како и изработка на туристички производи, но и за зелен регион и за управување со води, соопштија од Министерството за локална самоуправа.