Околу 20-тина млади невработени лица од југоистокот преку работилници и иновативни кампови што ќе ги организира Центарот за развој на Југоисточниот плански регион ќе може да креираат бизнис проекти и да се самовработат. Симе Митев од струмичко се надева дека трасата која му ја овозможува ЈПР ќе вроди со плод, односно ќе му помогне да ја реализира својата идеја во бизнис.

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во наредниве две години заедно со УГД Штип ќе го реализира проектот „Бизнис екосистем како интегриран систем“ од програмата за прекугранична соработка со соседна Грција. Целта е да се поттикнат младите да бидат покреативни и преку размена на искуства да нудат иновативни бизнис решенија во прекуграничниот регион.

Освен работилници и кампови младите од југоистокот ќе имаат и студиски престој во Грција каде со тамошните врсници ќе може заеднички да реализираат одредени иновативни решенија. Од ЈПР велат дека ова е само еден од низата проекти кои ќе значат ветар во грб на младите во регионот.

Стојне Митева