Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска оствари средба со г-дин Џон Кенеди Мосоти, директор за Македонија, Србија и Косово на Фондот за население на ООН (УНФПА) и Афродита Шаља – Плавјанска шефицата на канцеларијата УНФПА во земјава.

На средбата се разговараше за подготовката на новата Стратегија за демографски политики на Македонија, која има огромно значење како документ со кој се идентификуваат приоритетните области и насоки за подобрување на постојните демографски трендови преку спроведување на долгорочни политики и подрачја на делување кои директно и индиректно влијаат на демографскиот развој во Македонија.

Министерката истакна дека на подготовката на новата стратегија за демографски политики претходи процес на проценка на постоечката стратегија и степенот на нејзина имплементација, а потоа следува формирање на меѓусекторска работна група која ќе даде препораки за развој на новата стратегија. Пракса е да бидат организирани и завршни работилници за финализирање на предлог приоритетите и политиките на делување.

Новата стратегија ќе се подготвува со учество на сите надлежни институции, домашни експерти, како и техничка и експертска поддршка од Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА). За подготвената нацрт верзија ќе биде организирана широка јавна дебата, на која сите чинители во општеството ќе бидат запознаени и ќе имаат можност за коментари, рече Тренчевска.

Министерката посочи дека крајниот резултат е да подготвиме стратегија изградена на реални демографски податоци, како податоци за миграцијата, стареење на населението, наталитетот и која ќе даде висински насоки во градењето на политиките кои се однесуваат на целото население во државата. Политики кои се однесуваат на здравството, образованието, социјалната заштита, социјалните сервиси, вработување, родовата еднаквост во сите сфери на општеството и друго. Драфт верзијата на новата стратегија се очекува да биде финализирана до јуни 2023 година.

Директорот на УНФПА, Џон Кенеди Мосоти истакна дека УНФПА со експертска и техничка поддршка како и добрата пракса активно ќе учествува во подготовката на новата стратегија. Како и дека сите заложби и постигнати резултати на Министерството за труд и социјална политика и министерката Тренчевска се јасно видливи и препознаени. Воедно изрази и задоволство од идните планови и проекти на министерството.

На средбата стана збор и за отворањето на Ресурниот центар за родово одговорно буџетирање кој е прв од тој формат во Европа, а ќе обезбедува обуки за унапредување на капацитетите на државните службеници во областа на родовата еднаквост и родово одговорното буџетирање, како центар на знаење кој ќе документира истражувања, анализи и други ресурси поврзани во областа на родовата еднаквост.

Родовата еднаквост и еднаквите можности на жените и мажите е еден од приоритетите на Владата на Македонија, рече Тренчевска а во таа насока се и сите активности кои имаат за цел унапредување на законодавството, политиките и стратешките документи кои се однесуваат на оваа област.

Двете страни се согласија дека соработката ќе продолжи и во иднина со уште позасилено темпо во областите кои се во надлежност на министерството за труд и социјална политика.