Согласно важечкото решение во Законот за данокот на добивка, ненаплатените побарувања кои произлегуваат од трансфери на парични средства кои по својата економска суштина се заеми, доколку не се вратени во истата година во која е извршен трансферот на заемот имаат третман на непризнаени расходи за даночни цели.

Според стопанствениците, ваквото уредување има ограничувачко влијание врз работењето на деловните субјекти. Ова го објаснуваат со тоа  што можностите на фирмите да обезбедат парични средства за одржување на ликвидноста, финансирање на тековното работење, но и обезбедување на средства за инвестициски активности и проекти се сведени на добивање кредити од домашните комерцијални банки. Оваа постапка со себе носи сложени и долги процедури за одобрување на кредитот, но и вклучува обврска за обезбедување на кредитот со инструменти за обезбедување, високи камати стапки, трошоци, провизии и надоместоци.

– Поради наведеното, се предлага да биде изменет даночниот третман на заемите, на начин што член 11 став 1 и 2 од Законот за данокот на добивка да бидат избришани.  Ваквото решение сметаме дека ќе овозможи прилив на ликвидни средства во стопанството, што ќе придонесе до зголемен економски раст. При тоа, ваквиот предлог нема да има никакви импликации во однос на даночниот третман на каматите на трансакциите помеѓу поврзани лица како непризнат расход за даночни цели- велат во Стопанската комора.

Иницијатива за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка е едно од 19- те барања за подобрување на бизнис- климата во земјава кои Стопанската комора на Македонија ги достави Владата. Иницијатвата се разгледува во ресорното Министерство за финансии, каде се во тек се активности за уредување на ова прашање.