Министерството за финансии објави дека почнува процес за подготовка на нов закон со кој ќе биде уредено плаќањето данок за моторни возила. Ова е објавено на Електронскиот национален електронски регистар на прописи.

Според образложението, со новиот Закон за акцизите од мај годинава оданочувањето на патничките автомобили не е предмет на уредување на овој закон. Од таа причина, власта планира регулација со нов посебен закон за данок на моторни возила.

„Имајќи ги предвид европските практики и препораките од странските експерти во оваа област данокот на моторните возила покрај вредноста на моторните возила ќе се пресметува и врз основа на износот на просечната емисија на јаглерод диоксид – CO2 изразена во грамови по километар“, пишува во образложението.

Според предлагачот, на овој начин ќе се придонесе кон увоз и користење возила со пониска емисија на јаглерд диоксид, што ќе значи намалување на загадувањето на воздухот со цел да се обезбеди здрава животна средина, што е основен предуслов за квалитетен живот на граѓаните.

Временската рамка за изготвување на предлог-законот е 22 септември годинава.