Министерот за финансии Фатмир Бесими денеска изјави дека зголемените плати на функционерите месечно ќе го чинат Буџетот околу 15 милиони евра годишно.

„Станува збор за околу 1.000 функционери и месечно се потребни околу 80 милиони денари (1,3 милиони евра), или годишно околу 960 милиони денари (15 милиони евра)“, рече Бесими одговарајќи на новинарско прашање.

На прашањето зошто средствата ги нема во Буџетот и од каде ќе се исплаќаат, Бесими одговори дека тоа е така затоа што не е предлог на Владата, туку е одлука на Уставен суд.

„Исплатата се врши со пренамена на средства од други позиции, односно буџетски ставки“, рече Бесими додавајќи дека до крајот на годината во однос на ова законско решение треба да се примени законот.

Тој појасни дека секоја институција треба да направи свои пресметки, а Министерството за финансии како ресорно министерство, треба да им дозволи, бидејќи станува збор за законска обврска да се извршат пренамени.

„Тие самостојно не можат да извршат пренамени. Според Законот за извршување буџети тоа се прави со претходна согласност на Министерството за финансии“, рече Бесими.