На нови автомобили ширум светот се чека долго време поради недостатокот на чипови и прекини во синџирите на снабдување, следствено и производството, а цените се високи, па многу Германци се одлучуваат за користени возила. Но, во меѓувреме и нив ги нема доволно, па истите бележат големо поскапување. Подобрување на состојбата не е на повидок пред 2023 година.
Во Германија, каде вообичаено има голем избор на половни автомобили, ги има сè помалку, особено за извоз во Источна Европа, а со тоа и во Македонија. Од вкупниот број продадени возила во Германија најмногу се користени. Но понудата во последно време значително е помала, пишува DW.
„Во моментов имаме помалку користени автомобили од интерес за клиентите. Половените автомобили станаа ретка и барана стока“, вели Томас Пекрун, заменик-претседател на Централната асоцијација за германската трговија со автомобили (ZDK).
Затоа, клиентите треба да платат повеќе за достапните користени автомобили. Според Пекрун, цените пораснале за пет до десет проценти. Има и понови половни автомобили кои чинат повеќе од истите како нови автомобили, бидејќи времето за испорака на нови во моментов е многу подолга.
Мартин Вајс работи за DAT, организација основана во 1931 година за неутрално и објективно проценување на вистинската вредност на автомобилите, актуелните трендови во индустријата за него се многу чудни.
„Пазарот полуде“, вели тој, додавајќи дека половните автомобили се поскапи од кога било, „дури и 15 отсто повеќе“. Вајс вели дека во поединечни случаи цената може да биде и поголема. Како прво, автомобилите со дизел мотори сега се многу поскапи отколку во првите години по избувнувањето на скандалот Dieselgate.
Експлозијата на цените беше предизвикана од пандемија и постојан недостиг на чипови за автомобилска електроника. Во 2020 година, поради пандемијата, регистрирани се помалку нови автомобили, од кои некои сега недостасуваат како половни автомобили. Дополнително, компаниите за изнајмување автомобили моментално помалку инвестираат во возила кои за кратко време ќе бидат понудени на продажба.
Паднал и бројот на регистрации на нови автомобили кои дилерите ги прогласуваат за користени по само еден ден. Пекрун забележува дека на пазарот се пуштени премалку автомобили. Бидејќи клиентите на нов автомобил чекаат и по една година поради недостигот на чипови, тие се повеќе прибегнуваат кон користени автомобили. Ова дополнително ја намалува понудата.
Тешко дека ситуацијата би можела да се подобри оваа година. „Зголемени цени на половните автомобили ќе имаме и во 2022 година“, предвидува Пекрун. Според пресметките на DET, Германците за купување на половен автомобил потрошиле во просек по 14.730 евра, што е за 19 отсто повеќе од 2019 година. За споредба, според студијата на Frankfurter Allgemeine Zeitung (FAZ), половен автомобил во 2001 година чинел во просек 8.310 евра.
Сепак, не сите сегменти на пазарот на половни автомобили се погодени од поскапувањата. На пример, нема зголемување на цените на електричните автомобили.
Најскапи се користените автомобили кај локалните дилери и на виртуелните платформи како „Auto1“ или „wirkaufendeinauto.de“. Евтините автомобили може да се купат на аукции или преку приватни огласи. Во овие случаи, клиентите треба да имаат барем основно техничко знаење, инаку некој би можел да им продаде лоша стока по висока цена.
Што значи ова за Македонија? Тоа значи дека ако нема доволно половни автомобили за Германците, нема да има доволно ниту за нашиот пазар. Барем не достапни и квалитетни популарни брендови како досега .