На Европската унија и е потребна реформа што ќе им овозможи на земјите-членки да го напуштат еврото и да се вратат на нивните национални валути, изјави полскиот министер за надворешни работи Збигњев Рау во интервју за весникот „Жечпосполита“. 

„Еднаквоста на земјите-членки бара враќање на еднаквите можности за нивниот развој, што, пак, треба да доведе до реформа на еврозоната. Радикализмот на таа реформа не смее априори да отфрли никакви решенија, како што е, на пример, привремено или трајно враќање на некои од земјите членки на еврозоната во нивната национална валута“, рече Рау. 

Шефот на полската владејачка партија Право и Правда, Јарослав Качински, претходно оцени дека транзицијата кон еврото ќе доведе до радикално осиромашување на полските граѓани.

Полска се приклучи на Европската унија во 2004 година, но не го усвои еврото како валута. Иако Договорот за пристап бара од сите нови членки на ЕУ да се приклучат на еврозоната, земјите имаат право да го одложат усвојувањето на единствената валута, што го направи Полска. 

Сепак, се очекува дека на крајот ќе ја замени својата валута, злота, со еврото. 

Актуелната влада постојано се изјаснуваше против влезот во еврозоната во догледна иднина, нагласувајќи ја потребата „Полска да ја задржи својата независност и суверенитет“.