Откако експлозијата ја уништи браната Нова Каховка на реката Днепар, украинското Министерство за земјоделство објави дека според првичните проценки, се очекува да бидат поплавени околу 100.000 хектари земјоделско земјиште на северниот брег на реката.

Настрадале многу животни кои луѓето се обидуваат да ги спасат од поплавените дворови, плевни и куќи.

Голема закана се и мините кои под водениот бран ќе завршат во некои други подрачја.

Овој регион е познат по производството на просо (10% од вкупното национално производство), соја (8%), пченица, маслинова репка, јачмен (6%), сончоглед и пченка.

Исто така, водата од реката пред уништувањето на браната се користела за наводнување, па се очекува долгорочно да има негативно влијание врз украинското земјоделство, еден од главните извори на приходи за оваа земја, која се уште е важен снабдувач на жито и за домашно снабдување и за извоз во Европската Унија, остатокот од Европа, Азија и Африка.

Цените на пченицата на берзата во Чикаго скокнаа за речиси 4% до 6,47 долари за бушел (221 евра/тон). Цените на пченката се зголемија за речиси 2% до 6,09 долари за бушел (223 евра/тон), што е значително зголемување во споредба со минатата недела.

Според украинското Министерство за заштита на животната средина и природни ресурси, драматичното опаѓање во резервоарот би можело да доведе до еколошка катастрофа, но, што е поопасно, да влијае и на ладењето на реакторите во нуклеарната електрана Запорожје, која се наоѓа на 100 километри североисточно.

Извор: Aгротим.мк